Започнува фестивалот „Пображење“ во Вевчани

Вечерва во центарот на Вевчани со концертот насловен: ,,Од умот се подизгубив… за едно лично” во изведба на Државно – музичкиот балетски училишен центар ,,Илија Николовски – Луј”од Скопје, насока за традиционална музика и игра свечено ќе биде отворен фестивалот на народна култура ,,Пображење”. Фестивалот оваа година се одржува по 12-ти пат и е во организација на Културно уметничкото друштво ,,Дримкол” од Вевчани.


-И оваа година фестивалот нуди содржајна програма. Првите две фестивалски вечери се наменети за презентација на народната култура од земјава и странство преку учество на фолклорни ансамбли, а третата фестивалска вечер е посветена на традиционалната народна музика која оваа година ќе ни ја донесе музичката група ,,Чалгии мерак” од Скопје. Во рамки на фестивалот годинава имаме две изложби на фотографии, едната насловена ,,75 години организиран фолклор во Вевчани” во организација на КУД ,,Дримкол”, а другата е изложба на фотографии на традиционални носии насловена ,,Од Љубанишча до Дебор” од авторот Љупчо Милошевски – изјави Кирил Бебекоски член на советот на фестивалот.

Фестивалот ,,Пображење” покрај презентацијата и развој на народната играорна култура, дава допринос и за развој на научно – истражувачката дејност во нашата земја.

-Оваа година во рамки на фестивалот ќе биде промовирана книгата ,,Лазарската обредна пејачка традиција во Македонија”од авторите: Проф.д-р Родна Величковска и Проф.д-р Катерина Петровска – Кузманова од институтот за фолклор ,,Марко Цепенков” од Скопје, а се одржува и работилница по фолклор ,,Од музика до оро со Луј” на која професорите од ДМБУЦ,,Илија Николовски – Луј”, м-р Благица Илиќ, м-р Стојанче Костов и Оливер Настовски презентираат и поставуваат за сцена истражувачки материјали од етничкиот предел Скопска Блатија – додаде Бебекоски.

На фестивалот покрај уметници од фолклорната дејност, учествуваат и ликовни уметници во програмската содржина: ,,Народната култура во Вевчани, инспирација за ликовните уметници”, а оваа година учесник е академскиот ликовен уметник Никола Угриноски. Фестивалот на народна култура ,,Пображење” во Вевчани е под покровителство на министерството за култура на РС Македонија и на општина Вевчани.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани