Успешно заврши програмата „Полетарче“

Успешно заврши реализацијата на ПОЛЕТАРЧЕ-Програмата за подготовка на деца за во училиште која во организација на Црвен крст Охрид се спроведуваше во два циклуса од по 10 дена, во јули и август, а ја посетуваа деца од 4-6 годишна возраст, кои сѐ уште не тргнале на училиште.


Децата кои ја следеа програмата имаа единствена можност, преку игра, забава и дружење да ја развиваат и јакнат самодовербата, да стекнуваат вештини важни за успешно извршување на училиштните задачи преку креативни вежби за броење, помнење и концентрација, вежби за размислување, вежби на графомоторика, вежби на фина моторика, вежби за осознавање и разбирање на просторните и временските односи, вежби за говорот и речникот, јазична и математичка писменост, социо-емоционални вежби, вежби за насочување и одржување на вниманието и друго. Децата не го криеја задоволството и при посетата на пливачкиот базен во СРЦ Билјанини извори, на Центарот за спасување на планина и непристапни терени на Црвен крст Охрид при што непосредно можеа да се запознаат и едуцираат за пливачките спортови, за хуманоста и вештините на спасителите на планина и спасителите на вода, информираат од Црвениот крст Охрид.


Сите активности во ПОЛЕТАРЧЕ беа креативно и професионално спакувани и имплементирани од страна на високо професионален тим на педагог, асистент, психолог кои на секој родител ги пренесоа впечатоците за напредокот на детето со давање насоки и препораки за понатамошна индивидуална работа со своето дете.


На крајот, на децата кои ја посетуваа Програмата за подготовка на деца за во училиште-ПОЛЕТАРЧЕ им беа доделени соодветни сертификати.


Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани