
Општина Струга „заработи“ Управен приговор од граѓаните заради исклучувањето на јавното осветлување во градот и околината. Доколку има рестрикции и заштеда со исклучување на градските светла, мора да се намалат и сметките на граѓаните, кои плаќаат ваква комунална такса, велат правникот Глигорие Ќатоски, кој бара Советот на општина Струга итно да расправа по приговорот.
Градоначалникот Рамис Мерко, вели не се исклучува целосно осветлувањето, но во енергетската криза мора да се преземаат мерки за штедење.
-„Што сега после 12 саатот полноќ да свети. Никој не шета, зошто да не намалиме одредени светлечки места за да можеме да заштедиме, извесна количина на потрошувачка на електрична енергија“ , вели Рамис Мерко градоначалник на општина Струга.
Поставени се тајмери на јавното осветлување за негово исклучување, а со тоа се спречуваат и многуте кражби на електрична енергија, кои биле детектирани на територијата на општината.
„Тука се и дивите приклучоци ете отворено ќе речам кражбите на струја за што имаме такви жители и граѓани, наши сограѓани кои навистина го злоупотребуваат уличното осветлување. Дали внатре во домовите или во парковите и дворовите. Со ова исклучување и тие ќе бидат исклучени“, додава Мерко.
Општината просечно трошела до 2 милиони денари месечно струја, а само за август годинава добиле фактура од 10 милиони денари, што е петкратно повеќе.
Новинар Соња Рилковска