
Културното наследство во земјава не е доволно заштитено, ниту унапредено, нотира Европската комисија.
Постои недостаток на меѓуиституционална соработка во врска со заштитата на културното наследство, како и спречување на дивоградби, се нотира во Извештајот на Европската комисија за напредокот на нашата држава. Во документот исто така се нагласува дека препораките од минатогодишниот извештај беа само делумно усвоени. Продолжува несоодветната заштита на културните наследства заштитени со Закон, како што се Охрид и Старата скопска чаршија.
-Предлогот за изменување и дополнување на Законот за заштита на културното наследство е повлечен од собраниска процедура, а дополнително, одложена е и ревизија на националната Стратегијата за заштита на културното наследство, се потенцира во извештајот на ЕК. Исто така, како што се наведува во документот на ЕК, државата не издвојува доволно средства од буџетот за Националната стратегија за развој на културата 2018-2022 година, а културните работници се незадоволни во врска со исплатата на средства од годишната програма за проекти, поради недостиг на транспарентност во одобрување на грантовите.
Европската комисија нотира дека се потребни реформи во Министерството за култура, кои ќе се прилагодат на новите културни практики, на растот на културните и креативните индустрии, но и на влијанието на дигиталните технологии.