Потребна е итна помош за хотелско угостителскиот сектор

Поевтина електрична енергија за туристичкиот сектор и да им се помогне на оние што сакаат да работат, тие што најмногу давале во државниот буџет. Тоа би биле дел од мерките, кои директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски очекува да се прифатат за помош на туристичкиот сектор во државата, со цел ублажување на последиците од енергетската криза.

– Треба да се помогне во туристичката индустрија на тие кои работеле и прометно влеале поголем данок. Не се откажуваме од оние кои на некој начин кубурат и се уште не се вратиле од шокот од пандемијата, но тоа не треба да ни биде изговор за можеби нашите недостатоци кои овие две години не успеавме да ги надминеме. Треба да дадеме на тие што сакаат да работат и да вратат во самиот буџет. И во 2022 година покажавме дека имаме голема сива зона во туристичката индустрија. Таа не може да помогне на никого, изјави Јаневски.

Пензионираниот професор Науме Мариноски од Факултетот за туризам и угостителство забележа дека сите сектори се во тешка состојба со енергетската криза, но оти туризмот и угостителството се најекспонирани во тој поглед.

– Општата мобилност ќе се намали, а енергетската криза ќе ги засегне сигурно хотелиерите и угостителските работници воопшто. Приоритетно е сега да се интервенира во овој сектор за да можеме да дадеме пас за наредниот период, идните години кога претпоставувам дека ќе имаме благосостојба во меѓународните односи. Засега е многу проблематично бидејќи имавме криза зад криза и тоа практично го уништи целиот овој сектор, изјави Мариноски.

Смета дека доколку не им се помогне сега на овие субјекти потоа ќе биде многу потешко да се ревитализира секторот.

– Погубно е не само од гледна точка на тоа дека хотелиерите тешко ќе можат да ги рестартираат своите капацитети, туку затоа што ќе ја изгубиме туристичката клиентела и максимално ќе имаме оттуѓеност на секторот со заинтересираните страни, вели професорот.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани