

Се реконструира старото градско јадро во Струга. Должината на петте улици што се предмет на санација е скоро 600 метри, со околу 3.600 метри квадратни. Со овој зафат значајно ќе се подобрат условите за одвивање на сообраќајот и за пешачење низ стариот дел на Струга.
Воедно се очекува да се подобри и водоснабдувањето бидејќи, се поставува нова водоводна мрежа, како и достапноста до атрактивните локалитети за домашните и странски посетители.
-„Еден од тие проекти е и старото јадро на градот каде се прави нов водовод, сите азбестни цефки се отстрануваат, се прави канализација, се прави осветлување се прави целата инфраструктура надземна да оди подземно“, вели Рамис Мерко градоначалник на Струга.
Улиците три месеци се раскопани и непристапни. Јавноста реагира за бавно и нестручно изведување на градежните работи со што се нарушува автентичноста на струшките сокаци. Градоначалникот вели ќе биде сочуван амбиенталниот лик.
-„Ние стариот камен го сочувале истиот го средуваме и сличен на него додаваме. Се поплочува со дебел камен од 15 см нагоре со бетонска основа и мрежа што навистина веќе е атракција за градот и туристи“ , додава Мерко.
Реконструкцијата е дел од проектот „Поддршка на регионалниот економски развој преку туризмот, културата и другите економски дејности“, што го имплементира Центарот за развој на Југозападниот плански регион, одобрен од страна на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, а чини околу 18 милиони денари.
Новинар Соња Рилковска