Лекар без факултетска диплома лекувал пациенти во Вевчани

Лекар без диплома од завршен медицински факултет, цели шест години работел во Итната медицинска помош при Здравствениот дом во Вевчани и ги лекувал пациентите. Како што дознаваме од извори на Сител станува збор за 33 годишно лице кое оваа дејност ја извршувало од 2016 година, а било откриено сосема случајно преку системот од лекарската комора.

По приложени документи бил примен на работа но најверојатно станува збор за фалсификувани. Надлежните го истражуваат случајот се „чешла“ целата документација во ординацијата каде работел лекарот со спорна диплома.

Во тек е истрагата, кога ќе заврши ќе излеземе со подетални информации, вели Јован Стојкоски директор на Здравствен дом Вевчани.

Вевчанци се шокирани и во паника бидејќи со години ги лечел лекар без диплома. Иако од страна на пациентите за овој период додека работел немало никакви претставки, ниту поплаки против него, сепак тие велат дека недозволиво е да ја извршува оваа дејност без соодветно образование.

Лекарот веќе една недела не работи, додека се испитува случајот. Тој беше итно суспендиран, а потоа си поднесол отказ. Останува нејасно како младиот лекар ги набавил лажните документи и шест години никој не ја открил неговата измама.

Од полиција велат дека работат на расветлување на случајот и на утврдување на околностите, по што ќе следува соодветна пријава. Инаку, во Здравствениот дом се лечат пациенти од Охрид, Струга и околните места.

Нина Аритоновска – Сител ТВ

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани