
Енормно високи сметките за електрична струја во охридски Водовод. Едномесечната сметка за електрична енергија ги надминува вкупните приходи на претпријатието и невозможно е да се сервисирa. Во месец август сметката за струја била 21 милион денари, речиси 350 000 евра, сума која во минатото се однесувала на цела година.
Состојбата е загрижувачка бидејќи проблем имаат и со заостанат долг од 80 милиони денари за потрошена електрична енергија така што од месец во месец се натрупуваат трошоците, а дополнително треба да се обезбедат и плати за над 200 вработени.
-„Морам да напоменам дека јавното претрпијатие го наследив со долг од преку 320 милиони денари или 5,3 милини евра. Тоа е нешто што дополнително ја оптпварува и така тешката состојба и буџетот. Меѓутоа ќе бараме заеднички начини и со владата и со локалната самоуправа да излеземе од оваа состојба во која се наоѓаме“, вели Марјан Ристески-директор ЈП Водовод.
Судбината на Водовод е неизвесна, но директорот уведува дека нема да дојде до исклучување на струјата на пумпните станици и општината ќе има постојано водоснабдување.
-„Согласно законските прописи, бидејќи водата е основен извор за живот не би требало да има исклучување на пумпите, меѓутоа и доколку дојде до тоа ќе се обратиме со времена мерка до судот да овозможиме водоснабдување на градот односно да обезбедиме вода за граѓаните на општина Охрид“ , додава Ристески.
Високи сметки за струја има и во останатите охридски јавни препријатија веднаш зад Водвод најкритично е во претпријатието Колекторски систем, каде последната сметка е за десет пати повисока од претходно и изнесува 11 милиони денари.
Новинар Соња Рилковска