
Вработените во Здравствен дом „Д-р Светозар Чочороски“ во Вевчани во шок и неверување за лажниот лекар, кој шест години работел во Итната медицинска помош. Никој не се посомневал во стручноста и образованието на докторот. Против него не е поднесена ниту една поплака за лекарска грешка, ниту дисциплинкса преставка.
Лекарот во Здравствениот дом во Вевчани, кој се сомничи дека работел без диплома за завршен медицински факултет , бил примен во регуларна постапка со сите потребни документи во оригинална форма.
-„Во постапката за прием именуваниот има поднесено комплетна документација во оригинална форма и целата постапка е во согласност со законот за здравствена заштита. Ние не можеме да тврдиме дали поднесената докуменатција е фалсификувана или не да оставиме на истрагата да потврди или да демантира“, вели Јован Стојкоски директор на Здравствен дом Вевчани.
Скандалот дела лекарот работел без диплома беше откриен пред шест дена преку системот на Лекарската комора.
-„Во меѓувреме министерството за внатрешни работи по насоки на јавен обвинител ја обезбеди потребната документација. Извршен е вонреден санитарен и здравствен надзор од санитарната инспекција по насоки на министерот за здравство како и контрола од Фондот за здравствено осигурување“, додава Стојкоски.
Дотичниот лекар бил на студии од 2008 до 2015, на медицинскиот факултет во Штип каде според последните информации во јавноста стигнал до апсолвент. Обвинителство ја проверува веродостојноста на документацијата, за која се претпоставува дека била фалсификувана.
„Вевчани има организирано здравство од 1936 година, а Здравствениот дом слави 60-годишна традиција. Изградивме реноме од генерации доктори и друг здравствен персонал. За да нема шпекулации и без детали во интерес на истрагата, можам да кажам дека по алармот на надлежната Комора ние како институција ги известивме надлежните органи да се провери веродостојноста на документацијата на лице кое кај нас е ангажирано, на почетокот со договор за дело, а покасно во регуларна постапка со комплетна документација е примен во работен однос како лекар“, вели директорот на Здравствениот дом каде во 60-годишното успешно опстојување ова е прв скандал.
Лекарот кој се сомничи дека нема диплома веднаш бил суспендиран од работа, по што самиот си дал отказ.
Новинар Соња Рилковска