Александар Попоски  директор на ЈП Градски Пазар: Горд сум на мојот тим, заедно ќе ја надминеме кризата

Со директорот на ЈП Градски Пазар, Александар Попоски разговараме на актуелни теми, кризата, предизвиците и проектите на јавното прептријатие.

На два месеци пред истекот на 2022 година како ја оценувате работата на ЈП Градски Пазар, колку сте задоволни од она што успеавте да го сработите?

Попоски: Со стапувањето на функцијата вд. Директор на ЈП Градски Пазар Охрид се соочив со нестабилна финансиска состојба, претпријатието го превзедов со загуба односно негативен финансиски резултат во висина од над 2.000.000,00 денари. Последиците за жал се провлекуваат до денес без оглед на тоа што успеав да го намалам  затекнатиот долг за 983.277,00 денари, преку исплата на неподмирените обврски по извршни решенија од долгови спрема добавувачи, исплата на неподмирените надоместоци на членовите на Управните и Надзорните одбори, исплата на неподмирени обврски по изгубени судски спорови, доспеани обврски по адвокатски услуги, доспеани обврски по добавувачи и опомени, исплата на долгот спема ЈП Водовод заклучно со 31.12.2020 година. Сите наведени неподмирени обврски со кои се соочив претставуваат силен удар на буџетот на претпријатието, бидејќи додека се бориме да ги подмириме старите, се натрупуваат нови обврски, така што можам да кажам дека реалната ситуација во претпријатието не е на завидно ниво.  Во однос на прашањето колку сум задоволен од досега сработеното можам  да кажам дека задоволен сум најмногу од посветеноста и одговорноста на целиот мој тим, во заложбата сите заедно да ја надминеме тешката ситуација во која се наоѓаме и да ја доведеме состојбата на претпријатието на едно пристојно ниво,  со подготвување на една детална анализа врз која е предложено зголемување на цените на услугите на паркинг плацот и зголемување на дулијата, како и превземање на подрастични  мерки за наплата на нереалзираните приходи.

Енергетската криза ги погоди скоро сите јавни претпријатија. Како се справувате со високите сметки за струја? Успеавте ли да ги сервисирате тековните трошоци и дали тоа се одрази на тековното функционирање на претпријатието?

Попоски: Со оглед на тоа дека грејната сезона веќе започна, а сметам дека загревањето на работните простории ќе предизвика драстично зголемување на сметките за струја, превземени се мерки за штедење на електрична енергија со воведување одредени рестрикции во поглед на потрошувачката како во  административните простории на претпријатието така и во Одделението пазар. На тој начин сметам дека во поголема мера ќе успееме да ги сервисираме тековните трошоци и претпријатието ќе функционира во најдобар ред.

Затворениот пазар има над 100 тезги но сликата на нелегални продавачи кои узурпираат тротоари, пешачки патеки и паркинзи и понатака е секојдневие. Колку се успешни акциите на Општинскиот инспекторат во борбата со дивите продавачи?

Попоски: Општинскиот Инспекторат и МВР, секако со асистенција на Јавното Претпријатие Градски Пазар продолжуваат да ги спроведуваат акциите за отстранување на нелегални продавачи кои секако дека се успешни, но борбата со дивите продавачи за жал продолжува да биде секојдневие. Целта е  да се стави крај на нередот што тие зад себе го оставаат по тротоарите, пешачките патеки и паркинзите, како и да се заштитат закупците на тезги во зелениот пазар кои уредно плаќаат за користење на тие тезги со цел заштита од нелојална конкуренција.

Во текот на летниот период чести беа појавите од уништување на урбаната опрема. Постојано и редовно ги санирате штетите. Сметате ли дека јавната свест е на ниско ниво и дали потфрлија надлежните кои треба да спречат вакви девијнтни појави кои пред се оставаат грда за еден туристички центар но и прават големи финансиски трошоци?

Попоски: И покрај сите апели од наша страна за подигнување на свеста кај група несовесни граѓани за негување на урбаната опрема во централното градско подрачје, а се со цел заеднички и конструктивно да придонесеме за создавање слика за нас како Охриѓани, но и покрај сите превземени мерки на надлежните служби за откривање на сторителите,  за жал, вандализмот продолжува да биде наша секојдневна реалност.

Изминатиов период реализиравте и дополнителни активности како поставување дрвени огради околу контејнерите, саниравте спортски игралишта, автобуски постојки па дури и поставувавте сообраќајни знаци. Колку со ваквите активности сте горди на вашиот тим кој покажува посветеност и ангажираност во работата?

Попоски: Секоја фирма се соочува со специфични предизвици за кои добриот тим е најмоќното средство на располагање на еден директор. Да, горд сум на мојот тим, на одличната соработка со сите вработени во претпријатието, но исто така и на одличната соработка со локалната самоуправа во поглед на дополнителните активности кои ги реализираме како претпријатие.

Неодамна воспоставивте соработка со ЈКП Тржница од Нови Сад со која нашите производители ќе имаат можност бесплатно да продаваат македонски производи на пазарот во Нови Сад. Како е интересот кај пазарџиите?

Попоски: Да, имавме посета од страна на  Директорот на ЈКП Тржница од Нови Сад господинот Урош Лончар, при која остваривме и средба со  пазарџиите во Зелениот Пазар на која им беше понудена можност да ги продаваат македонските производи на пазарот во Нови Сад бесплатно. Секако дека постои  интерес од одреден број пазарџии и планираме во наредниов период да ја реализираме понудената можност. 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани