
Невладините обвинуваат за неспроведување на препораките на Унеско, премиерот Ковачевски вели владата го дава максимумот
Невладините се погласни за неспроведувањето на препораките на УНЕСКО. Од Фронт 21/42 обвинуваат дека интензивната урбанизација на крајбрежието на Охридското Езеро не запира.
Според нивните анализи од август 2021 до денес има 53 нови урбанизации во Охрид и Струга. Вкупен број на дозволи за градба во двата градови е 213 и нови 580 изградени станови.
Премиерот Ковачевски вели владата го дава максимумот.
„Јас во рамките на моите надлежности заедно со колегите кои работат го даваме својот максимум но ова е обврска на сите кои што имаат одговорност за управувањето и владините институции, но и локалните самоуправи на Охрид, Струга и Дебрца“, вели Димитар Ковачевски претседател на влада.
Премиерот негира дека Струга има поинаков третман од Охрид, без оглед што таму не се преземаат никакви активности за заштита на културното и природното наследство. Ковачевски ги повика инспекциските служби да делуваат на терен.
„Постојат инспекциски органи и други институции кои што тоа треба да го санционираат. Тие треба да бидат ефикасни да не седат по канцеларии и по цел ден да пијат кафиња туку да излезат на терен и да си ја вршат својата работа“, додаде Ковачевски.
Доколку државата продолжи со овој третман и меѓународната заедница не се вклучи поактивно во заштитата на Охридскиот Регион, според невладините со сигурност ќе го изгубиме статусот Светско природно и културно наследство.
Новинар Соња Рилковска