
По две лица во Охрид и Струга и едно во Дебар се новоинфицирани со ХИВ вирусот во текот на 2022 година, информира денеска на Светскиот ден за борба против СИДА епидемиологот Јованка Струлакова – Коровешоска од Центарот за јавно здравје во Охрид.
На прес-конференцијата организирана од општинската организација на Црвен крст – Охрид на која беа соопштени активностите со кои ќе се одбележи Неделата на борба против СИДА, посочи дека во Охрид регистрирани биле вкупно 17 позитивни случаи, додека во Струга и Дебар имало по шест.
Најчеста возраст е младата популација, лица кои се во репродуктивниот период. Новоинфицираните се на возраст од 40 до 44 години. Заболените и инфицираните со ХИВ СИДА благодарение на терапијата имаат квалитетен живот, истакна Струлакова – Коровешоска.
Глобалната кампања за борба против СИДА годинава се одвива под мотото Rock the Ribbon, а охридксит Црвен крст, како што истакна претседателот Сашо Точков, со повеќе активности ќе делува на подигање на јавната свест.
Црвен крст – Охрид е подготвен со низа активности да делува на јавната свест, особено кај младите да ги шири знаењата на оваа болест, со цел превенција и заштита. Нашите волонтери денеска на јавни места во градот делат црвени панделки како симбол дека СИДАТА постои и за поддршка на оние кои живеат со ХИВ вирусот, рече Точков.
Волонтерите ќе делат и едукативен материјал во градските кафулиња, низ продавници, во градскиот пазар, а во основните и средните училишта се испратени типизирани предавања, кои професорите ќе ги презентираат пред децата.
Предвидени се и работилници и трибини со младите од средните училишта со цел да се информираат за болеста и знаењата што ќе ги стекнат да ги пренесуваат на своите врсници, додаде Точков.
Во Република Северна Македонија од почетокот на епидемијата со ХИВ СИДА евидентирани се 580 лица, од кои 366 се ХИВ позитивни, а 214 се заболени од СИДА.
Извор Слободен печат