
Со отворен ден за волонтери и презентација на активностите за сите кои сакаат да станат волонтери охридскиот Црвен крст денеска го одбележува Светскиот ден на волонтеризмот – 5 декември. Покрај предавањата за најмладите, претседателот на ОО Црвен крст Сашо Точков информира дека се предвидени дружби на повозрасните волонтери и вработените во Црвениот крст, кои дале свој придонесе во градење организацијата, како и средба со родителите на млади волонтери од ПХВ програмата – промоција на хумани вредности.
– Волонтерството по дефиниција е доброволна активност, која единствено е инспирирана од слободната воља да се помогне некому, без желба да се добие финансиски надомест или материјална корист. Нашето мото што постојано го повторуваме е дека постојат многу повисоки вредности од она што денеска насекаде го чуствуваме, а тоа е трката по пари. Овде вредностите се морални и доста високи. Нив ги практикуваме и гледаме да ги „инфицираме“ младите што повеќе да знаат како може да бидат корисни и да помогнат на оние што им е потребно, рече Точков.
Посочи дека програмите им се конципирани за волонтери од сите возрасти, а имаат и посебна стратегија за менаџирање со волонтери.
– Ги анимираме и мотивираме волонтерите, посебно младите. Возрасните се веќе изградени личности и тие знаат каде е вредноста. Гледаме да ги насочиме младите на оние моменти и сегменти од животот, кои нив им се практични и корисни и во секојдневнието, но и за она што значи сегашност и корист за нивното школување и дружење со врсниците, истакна Точков.
Во денешните предавања беа вклучени учениците од подрачното основно училиште „Григор Прличев“ од населбата Рача предводени од педагогот Анастасија Настеска.
– Црвен крст е организација која може да ги поттикне нашите млади генерации да помагаат. На децата им беше голем предизвик да присуствуваат на ова предавање зошто најчесто некогаш застануваме на некои граници, а сметам дека ова ќе ги помине тие граници и ќе биде поголем поттик за сите дечиња да го сфатат вистинското место, истакна Настеска.
Охридскиот Црвен крст има повеќе од 1.000 волонтери на возраст од седум до 77 години.