Во струшкиот суд одложено судењето за родилката во Дебар

Во струшкиот суд денеска беше одложено уште едно судско рочиште за случајот со родилката од Дебар, Јилдиз Веапоска. Таа за МКД.мк изјави дека колку и да бегаат, докторите ќе мора да понесат одговорност. При породувањето на Веапоска и беше оштетена левата бубрежна артерија по што ѝ беа извадени матката, јајникот и еден бубрег.

„Револтирана сум премногу. Од тројцата обвинети лекари, двајца пак не се појавија пред судот. Но се прашувам до кога и каде ќе бегаат? Еден ден ќе мора да одговараат”, изјави Веапоска за МКД.мк веднаш по одложувањето на рочиштето.

Во мај годинава, обвинителството поднесе обвинение против поранешниот директор на Струшката болница д-р Мухамед Асани и уште двајца доктори кои на Веапоска при породувањето ѝ извадиле матка, јајник и бубрег. Асани лани доби обвинение оти лекувал дома во дива гинеколошка ординација, каде ја водел цела бременост на родилката од Дебар.

Како што соопшти Основното јавно обвинителство Струга, поднесен е Обвинителен предлог против тројца луѓе за кривично дело – Тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 3 во врска со член 207 став 1 и 3 од Кривичниот законик.

„Првообвинетиот како лекар – специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот како лекар – специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата како лекар – гинеколог акушер, вработени во Јавната здравствена установа Медицински центар – Струга, при укажување лекарска помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување врз пациентка – родилка од Дебар, со што предизвикале влошување на нејзината здравствена состојба”, пишува во Обвинението.

Родилката била примена во болница на 27.08.2020 година заради породување на гинеколошкото одделение, бидејќи била во 40-тата недела од бременоста. Ја примил првообвинетиот кој ја водел како пациент во текот на целата бременост и донел одлука породувањето да биде извршено со царски рез. При операцијата му асистирал второобвинетиот, но при изведувањето на царскиот рез тие ја оштетиле левата бубрежна артерија по што на Веапоска ѝ беа извадени матката, јајникот и еден бубрег.

Извор МКД.мк

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани