
Хотелскиот сектор не доби помош од државата. Одговорот, според ХОТАМ е дека барањето за финансиска поддршка, поради енергетската криза се разгледува.
Речиси половина од хотелите на охридско- струшкото крајбрежје ставија клуч на врата. Некои нема да отворат ниту за Новогодишните празници. Особено поголемите хотелски капацитети кои не можат да ги продадат аранжманите бидејќи годинава е намален интересот кај гостите.


-„Одговорите ни се секогаш исти дека се разгледува барањето, дека ќе добиеме некаков одговор, но позитивен одговор досега не сме добиле. Се надеваме дека во брзо време барем нешто ќе се реализира затоа што овој сектор веќе трета година е во криза“, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.
Поголемиот дел од вработените во хотелскиот сектор се на 70% плата, дел се испуштаат, има хотели кои и покрај тоа што затвориле не можат да поделат плата.
-„Ако нема помош ќе биде тешко, нема да биде едноставно. Ќе има некои испуштања некои вработени ќе се задржат бидејќи тешко е да се најдат нови. Некои ке ги пуштат да на 70% вработените но ако немате приходи и тие 70% се многу“, додава Блажески.
Хотелите на брегот на Охридското езеро не се конкурентни на колегите од регионот, поради превисоките сметки за струја. Цените на понудите им се повисоки поради високите трошоци и не може да привлечат гости.
Новинар Соња Рилковска