„Западот, Истокот и јас“: Про-Кремљ пропаганда која згасна откако само четирипати излезе во трафиките

Во земјава неретка е појавата и феноменот што го претставуваше весникот „Западот, Истокот и јас“, кој во октомври го објави првиот број, а веќе во ноември последниот. За време на важни и клучни политички, геостратешки случувања, а и за време на пандемии, се јавуваат медиуми и движења кои се формираат со една единствена цел, во еден краток период се можеби актуелни, а потоа или ги снемува или, пак, стануваат нерелевантни. Во случајов, станува збор за еден краткорочен феномен и пример за лошо осмислена про-Кремљ пропаганда, која во трафиките успеа да извади само четири броја, а потоа да згасне

Пишува: Мери Јордановска

Во ера на згаснување на печатените медиуми и мигрирање на публиката кон онлајн медиумите, интересно беше да се забележи нов печатен медиум во трафиките. За 45 денари, во октомври годинава, можеше да се купи весник со име „Западот, Истокот и јас“.

На 16 страници, со тираж од 5.000 примероци, на прв поглед личеше на традиционалните печатени медиуми, а внатре имаше различни текстови, но само со еден наратив – Европската Унија е фашистичка и не сака земјите од Западен Балкан да влезат во ЕУ. Понатаму, можеа да се прочитаат јасно изразени ставови против пружање каква било помош на Украина, навивачки ставови кон Русија и кон Турција, претставувајќи ги двете држави како пријатели и моќници на чија страна треба да застане Северна Македонија.

На првата страница, под името на весникот, со поситни букви пишуваше:

Класифицирано во жанрот на НАУЧНА ФАНТАСТИКА. Ќе ги следи настаните од земјата и светот и поради настраниот идиотизам кој го има зафатено целиот свет, невозможно е да се класифицира на некој друг начин. Е сега е НАУЧНА за народот, затоа што народот ќе има можност да ја види вистинската слика на настаните во светот кој јуначки се бори, кој лаже, кој краде ќе има можност да научи работи кој никој не сака да ги каже. А НАУЧНА ФАНТАСТИКА е затоа што толкувањата и анализите на светските збиднувања од страна на измислени ликови во научно фантастични збиднувања не подлегнуваат на кривична одговорност за ширење на дезинформации клевети и омраза. Ликот ќе ни биде измислен затоа што луѓето и онака не веруваат во херои. 

Со оваа изјава фактички на еден начин, креаторите на овој медиум како да покажуваат свесност дека содржините изобилуваат со дезинформации и со говор на омраза, но за да се избегне кривична и морална одговорност, весникот се претставува како сатира, иако личностите претставени внатре се вистински.

Ова е доста честа тактика на дезинформаторите и не е нешто ново, сакајќи да ја убедат јавноста во нивните невистини, а притоа да не подлегнат на никаква одговорност. Голема е веројатноста и некој да го купи весникот, а да не ја забележи оваа изјава, мислејќи дека чита сериозен весник со проверени факти.

Но, колку овој медиум може да содржи факти?

Имено, купувајќи ги сите четири броја што излегоа во трафиките, согледавме дека содржините се преземени од веб-порталите или, пак, преземени се изјави од политичари, а авторот, потпишан како М., си дава свое мислење за насловот и текстот кој некој претходно го објавил.

Понатаму, следува нешто што не може да влезе во ниту еден новинарски жанр, бидејќи пренесени се мислења односно статуси од корисници на Фејсбук, кои истите ги напишале без никакви докази и факти. Разгледувајќи ги понатаму содржините дојдовме до заклучок дека сите т.н вести се коментар од само една личност, односно целиот весник е производ на на еден човек. Содржините се најчесто теории на заговор од типот ни ја крадат историјата, климатските промени се измислени, Западот е олицетворение на сатаната, а и проруски ставови во насока на поддржување на воената инвазија во Украина. Величењето на Владимир Путин е нешто што го содржеше речиси секој, од четирите броја што беа објавени.

Во рубриката „Од ризниците на Европскиот парламент“, можеа да се прочитаат и делови дека ЕУ ја водат „од глупав поглупав“, екстремни лицемери и преваранти, кои на Украина и на Молдавија им даваат лажна надеж за влез во ЕУ. Протестите против НАТО, ЕУ и санкциите кон Русија зафаќаа голем дел од содржините на овој весник.

Забележително беше и тоа што голем број текстови се преземени од српски портали, но и од македонскиот портал Коловрт. Содржините на Коловрт често се предмет на рецензии од страна на Вистиномер, поради ширење дезинформации и теории на заговор, и за ковид пандемијата, и за вакцините, но и за воената инвазија на Русија врз Украина.

„Западот, Истокот и јас“, за разлика од Коловрт, имаше импресум. Издавач е Макмир ДООЕЛ Скопје, а директор и уредник е извесна Моника Маневска. Според податоците на Централниот регистар, фирмата Макмир е основана во август годинава, со паричен влог од 5.000 евра. Нејзин сопственик е Маневска.

Но, веќе кон крајот на ноември, на Фејсбук страницата на „Западот, Истокот и јас“, беше објавено дека четврт број од весникот нема да има. Како причина за ова беше наведено тоа што на многу продажни места, весникот се криел.

Нема да го има следниот број на нашиот единствен македонски двонеделен весник за геополитика поради типични македонски “технички попречувања” од уличарски карактер!

Не беше доволно тоа што весниците на многу продажни места комплетно се криеја, така да многу луѓе ни се жалеа дека не можат да ги најдат, туку сега имаме и “технички попречувања”! Затоа, тука ќе ги пренесеме сите информации коишто треба да ги имате, сите вести, сите работи кои ги кријат од вас, и многу повеќе…, напиша уредништвото. 

Оттогаш, содржини се споделуваат единствено на Фејсбук. Па така, можат да се прочитаат наслови од типот: „ПОБАРУВАЧКАТА ЗА НЕВАКЦИНИРАНА КРВ РАСТЕ ВО СВЕТОТ!, РAKOT ЕКСПЛОДИРА КАЈ ПАЦИЕНТИ ПОСЛЕ ВАКЦИНАЦИЈАТА ПРОТИВ КОВИД-19“ и голем број други антивакцинални, анти-ЕУ и проруски наративи, од кои најголем дел се преземени од српски медиуми под влијание на пропагандата на Кремљ.

Патем, голем број од овие содржини се означени од Фејсбук дека „содржат линкови кои целосно или делумно се под уредничка контрола на руската влада“.

Фејсбук страницата, инаку, има само 52 допаѓања и 73 следбеници.

Во земјава, неретка е појавата и феноменот што го претставува „Западот, Истокот и јас“. Па така, за време на важни и клучни политички, геостратешки случувања, а и за време на пандемии, се јавуваат медиуми и движења кои се формираат со една единствена цел, во еден краток период се можеби актуелни, а потоа или ги снемува или, пак, стануваат нерелевантни. Во случајов, станува збор за еден краткорочен феномен и пример за лошо осмислена про-Кремљ пропаганда, која во трафиките успеа да извади само четири броја, а потоа да згасне.


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани