
Лабуништани повторно на масовни протести. Со блокада на патот Струга- Дебар го изразија својот револт поради работата на каменоломите. Велат, според податоците на Здравствениот дом една третина од населението во Лабуништа има распираторни заболувања поради штетните честички и правот кој го вдишуваат.
Анализите покажуваат и големо загадување на плодното земјиште. Мештаните, бараат каменоломите итно да прекинат со работа, во спротивно најавуваат порадикални протести и бојкот на настава.
-„Во случај Владата да нема слух за нашите граѓани и покрај сите наши докази се уште ќе ги брани две фирми, две особи да се обогатуваат на сметка на здравјето на овие граѓани ќе имаме по радикални мерки и нема да застанеме тука, бидејќи имаме дојава од родителите дека нема да ги пушптаат своите деца во второ полугодие затоа што се исплашени за нивното здравје“, вели Алија Ќазими, правник во Здружението на граѓани Натура Лаб.
Мештаните обвинуваат дека концесионерите не го почитуваат законот, не плаќаат даноци и незаконски го прошириле опфатот за ископи, веднаш до куќите во селото.
-„ Еден од концесионерите е голем даночен должник со неплатен данок од 35 милиони денари. Ова се официјални докази објавени на страната на УЈП. Другиот концесионер и покрај тоа што концесијата изнесува 77 илјади метри квадратни излезе на надвор од границите на концесијата што според законот е основ за одземање на концесијата“, изјави Јасмин Ќазимоски од месната заедница на Лабуништа.
Речиси дваесет години жителите на Лабуништа бараат затворање на каменоломите.
Министерството за економија во 2020 година им ги одзеде концесиите и им забрани работа, но во септември годинава повторно проработија, поради тоа што оваа одлука падна на Управен суд.
Новинар Соња Рилковска