
По што ќе ја памети 2022 година советникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ Перчо Божиноски од Охрид.
Ваше видување за 2022 (по што ќе ја паметите) на деловен и приватен план?
Божиноски: Секоја година се трудам да ја паметам само по среќните работи и денови. Среќните затоа што сè што сум направил, сум направил од срце. Но, сите постигнати успеси не можат никогаш да се мерат со насмевката и среќата на моите во семејството, родителите, тие се мојата поддршка и мојот мотив за нови успеси во животот.
Функцијата заменик-градоначалник е обврска и пред сè мотив за повеќе работа и труд за доброто на народот и реализација на програмите во интерес на охриѓани.
Според „Мојот советник под лупа“ за период од една година бев најактивен советник од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата и во четворицата најактивни советници од вкупно 23 колеги во Советот на Општина Охрид.
На деловен план би ги издвоил учествата во промоции на капиталните дела: ,,Книга за светите браќа Климент и Наум Охридски“, „Книга за Светите браќа Кирил и Методиј“ и „Охридски раскажувачи“ и промоција на книгите пред семинаристите на 55. Школа на МСМЈЛК.
Отворање на манифестациите: ,,34. Поетска ноќ во Велестово”, „11. На зајдисонце“ во Трпејца, ,,Вечер на Живко Чинго”, ,,7. Охридски поетски бисер” – 2022, 5. Фестивал на поезија за деца ,,Стихувалки”, „ЕТНО фестивал“, 5. Симпозиум на ДГМ и 2. Конференција на регионални геотехнички друштва, „16. FEPTO Conference 2022“, Потпишување Повелби за збратимување меѓу: ИПА Охрид и Нови Сад, и ИПА Охрид и Егнатија, Втор регионален Саем на социјални претпријатија, Камп на децата бегалци и нивните потомци од Егејска Македонија.
Отворање на спортските настани: Куп на Македонија во карате за кадети, јуниори и У-21, „5-ка за ракомет”, „Балкански надежи – Охрид 2022“, „11. Фер Плеј Куп“, Меѓународен турнир со воздушно оружје ,,Илинден-2022”, Трет ,,Меч Рејс Куп – Охрид 2022”, КУП во спортски риболов ,,Охрид-2022”, Втора Меѓународна едриличарска регата „International Ohrid regatta“.
Особено од настани би го споменал 21 Октомври и посетата на Крагуевац за Денот на сеќавање на жртвите, кога пред 81 година на егзекуција во паркот Шумарице од фашистичкиот окупатор биле застрелани 3000 луѓе, меѓу кои и 300 ученици, Комеморативната академија во Прва Крагуевска гимназија, положување венец пред Споменикот на стреланите ученици и професори и антивоената традиционална манифестација ,,Велики школски час”, музичко-сценска програма со изведба на драмската поема „Земја“. Културата на сеќавање, солидарноста и поддршката кои ги негува Општина Охрид се од големо значење за нашиот збратимен град Крагуевац.
Како лични успеси заедно со моите ученици кои има да ги паметам засекогаш се освоените: прво место за фотографија, второ за штанд и филм во топ 10 ,,МАССУМ – Образовно рандеву 2022“ – Велес и Втора награда на „55. Детски Рацинови Средби“ – Велес.
Што очекувате во 2023?
Божиноски: Секогаш сум оптимист за иднината, па така надежите и очекувањата за Новата 2023 година се да биде подобра, поуспешна и поубава година за сите нас. Нова година со уште повеќе позитивни промени.
Најважно е да се зачува здравјето и што повеќе активности за да се предизвика нечија насмевка.
Семејството да ми биде во добро здравје, со многу среќа и радост и се разбира исто и колегите и пријателите да ми бидат среќни и успешни.
Ваша Новогодишна желба?
Божиноски: Сè додека човекот има желби има да чекори напред во животот.
Никогаш не барам премногу бидејќи убавината на животот е токму во малите работи и најобичните нешта кои се со најголемо значење:
Здравје, Среќа и Љубов!
Среќна Нова 2023 година!