
Изминатава година беше исклучително успешна за Специјалната болница за кардиологија „Свети Стефан’ Охрид. Директорката Елена Коваческа Башуроска во новогодишното интервју за Охриднет вели „2022 година на деловен план ја одбележаа многу настани вредни за паметење“.
По што ќе ја паметите изминатава година?
Коваческа: Она што најмногу ја одбележа 2022 год е постепено враќање на животот во нормала после долгиот период на карантин поради ковид пандемијата .Ова значеше враќање нa динамиката на секојдневното живеење, контактите со семејството, пријателите, колегите, нормализирање на работата во здравствените установи и враќање на пациентите во амбулантите.
2022 година на деловен план ја одбележаа многу настани вредни за паметење, а ќе издвојам неколку клучни настани:
- Јубилејот 40 години постоење, раст и развој на Специјализирана болница за кардиологија, Охрид
- Добивање нов ангиографски апарат преку Министерството за здравство.
- Реновирање на одделот за интензивно лекување и салата за ангиографија, со помош на значајни донации на поединци и општествени институции.
- И она што ја заокружи 2022 година е големиот грантов проект на Швајцарската амбасада и Министерството за локална самоуправа за енергетска ефикасност,дигитализација и набавка на медицинска опрема .
Во приватниот живот 2022 година имаше убави и лоши настани. Загубата на членови на блиска фамилија оставија голема празнина, но исто така се случија и убави работи што ќе останат запаметени. Мојот постар син почна да се реализира во тоа што е негова професија- лекар, а помладиот син оваа година стана полнолетен и веќе и самостојно размислува за идните чекори во животот. Имавме и принова во нашата поширока фамилија, но секако имаше и други поводи за заедничка среќа кои ќе останат запаметени.
Што очекувате во 2023 година?
Коваческа: 2023 очекувам почеток на реализација на проектите кои ги започнавме или ги најавивме во 2022 година, а тоа ќе значи понатамошен развој на кардиологијата во Охрид.
Ваша Новогодишна желба?
Коваческа: Желба за 2023 година не би била ништо повеќе или помалку од она што го посакуваме и очекуваме да ни го посакаат на секој почеток на годината –здравје, среќа, љубов, прогрес и спокој.