
Координаторот на советничката група на СДСМ во Охрид, Живка Ангелоска во новогодишното интервју за Охриднет вели „во годината која што доаѓа очекувам да влеземе разумно, со научени животни лекции и цели“.
По што ќе ја паметите 2022 година?
Ангелоска: Крајот на годината е одличен тајминг секој од нас да погледне зад себе, што оставил, што добил, можел ли подобро, можел ли повеќе… Одличен миг да ги зачува среќните мигови во спомените, а оние другите да ги фрли во заборав. Нова година, нов почеток, нов оптимизам, нови надежи, нови цели и предизвици.
Годината што изминува претставуваше година на емоционален ролеркостер во однос на состојбата и последиците предизвикани од пандемијата. Можевме да сублимираме колку пандемијата ги измени нашите животи, колку многу изгубивме и дали ја научивме животната лекција дека не можеме едни без други, отуѓеноста ги разорува нашите животи, а материјалните вредности не секогаш нешто значат. Но само што отпочнавме да се враќаме во нормален живот, нови турбуленци, на сцена настапи глобалната светска економска и енергетска криза. И повторно неизвесност, страв, разидување, напади, кој се грижи повеќе, кој помалку за граѓаните. Уште една животна лекција со иста порака за солидарност, самокритичност, подадена рака и обединување.
За мене 2022 година донесе дополнителен предизвик, повторно во советничките клупи, но сега како координатор на опозицијата. Нова состојба, но иста кауза, сопствен придонес и конструктивно делување во локалниот законодавен дом. Во секоја работа која ја извршуваме внесуваме сопствен печат кој го отсликува нашиот карактер и нашата индивидуа. Јас искрено верувам дека различноста во идеите носи придобивка за сите, а можам да говорам само за она за чија основаност сум убедена. Мојот глас ќе биде секогаш „за’ за основани одлуки кои се издржани и корисни за добробитта на граѓаните, но и „против“ доколку за тоа поседувам аргументи. Само конструктивна опозиција може да биде коректор на власта и поттик за поголема посветеност и исполнување на ветеното.
Што очекувате во 2023 година?
Ангелоска: Во годината која што доаѓа очекувам да влеземе разумно, со научени животни лекции и цели, кон чие исполнување ќе се стремиме. Неизвесноста, но истовремено и надежта и вербата дека секое домаќинство успешно ќе ја преброди светската економска криза во која се наоѓаме и понатаму постои. Она што ме храбри и ми влева сила е вербата во луѓето, во човечноста која не исчезнала, вербата во исконскиот човечки порив кој тлее во секој од нас… Да си подадеме рака, тогаш кога најмногу си сме потребни едни на други. Имаме привилегија да живееме во најубавиот град на светот, затоа посакувам Охрид да блесне во својот полн сјај и да понуди подобар квалитет на живеење, пред се за младите луѓе, но и за секој еден кој живее и твори во овој наш бисер.
Ништо од ова не може да биде возможно доколку го немаме својот мир и својата среќа.
Која е вашата новогодишна желба?
Ангелоска: Мојата среќа е мојата фамилија, моето семејство, мојот енергичен син-тинејџер кој секогаш знае да ми го осветли денот, искрените пријатели и соработници. Тоа се луѓето кои добро ме познаваат, кои знаат кога ми е потребна поддршка, помош, прегратка, убав збор или само насмевка. Се‘ додека тие луѓе се здрави и среќни, се‘ додека го исполнуваат моето секојдневие, моите лични желби ќе бидат исполнети.
Почитувани сограѓани од се срце Ви ја честитам Новата година, Ви посакувам здравје, неизмерна среќа, благосостојба во Вашиот дом и добри луѓе околу Вас. Среќата и добрината се заразни, нека Новата 2023 година биде година на среќа и добрина.