
„Задоволен сум од она што ми го дава животот, задоволен сум од сите мали добри нешта и ситници“, вели портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски за новогодишното издание на Охриднет.
По што ќе ја паметите 2022 година?
Димоски: Годинава 2022 во заминување, беше една тешка постковид година во која, се уште не целосно се ослободивме од ковид стресот но, силно се надевавме на целосно истребување на пандемијата и целосно враќање на животот во нормала. Зад нас останува година, кога по смртоносниот Ковид 19, почнаа ужасите од војната во Украина, никој не веруваше дека ќе се случи војна во 21 век во Европа,зад нас останува година која донесе торнада и олуја што носеше кровови од згради и куќи во Охрид и охридско. Од друга страна, годината 2022 во заминување, донесе зголемен број посетители на претставите на Охридскиот театар, Охрид го доби првиот Младински центар, го „оживеа“ Прличев преку дигиталниот виртуелен споменик, во Костал Македонија стартува производство на системи за хибридните возила од групацијата „Volkswagen“ што значи нови можности за вработувања за охриѓани. Во годината 2022 во заминување, се радував на одржувањето на Охридскиот маратон, успесите на охридските ракометари и кошаркари, посебно сум среќен на успесите на нашите ученици и освоени награди на домашни и меѓународни ученички натпревари по математика, информатика и по други предмети и секако во спортот. Уживав во програмата на „Охридско лето“ и на охридскиот театар, понекогаш и одев на плажа. 2022 беше година во која повторно бев во трка со времето и настаните, „растргнат“ помеѓу професионалните обврски на моето работно место и обврските што беа пред мене како претседател на ИПА Охрид во состав на Интернационалната полициска асоцијација секција Македонија. Соработував со колегите од СВР Охрид и со колегите од Секторот за односи со јавноста во МВР, со новинарите , со локалната и со НВО и го давав најдоброто, со цел да се задржи високиот степен на професионална транспарентност на Секторот за внатрешни работи Охрид и во „секунда“ да ги подготвам информациите што се важни за граѓаните а кои се однесуваат на работата на полицијата. Значајно време поминував со членовите од Интернационалната полициска асоцијација ИПА регион Охрид, заедно реализиравме неколку проектни активности, по 7-ми пат продолживме со проектната идеја за велосипедско поврзување на Охрид и Струга и возевме велосипед на релацијата Охрид-Струга-Радожда заедно со граѓаните и бајкерите од вело турата „Вера 2022“, со надеж дека еден ден, конечно ќе се изгради оваа толку потребна современа вело патека. Се збратимивме со ИПА регионите од Нови Сад – Србија и ИПА Егнатија-Албанија, ги пречекавме ИПА колегите од Австралија, Естонија, ИПА Златиборска, стекнавме нови пријатели, разменувавме корисни информации на професионален план. Имав време кое со задоволство го поминував со семејството и пријателите, „крадев“ време и за редовна тура пешачење, а најдов време и за одмор во Херцег Нови и посета на манастирот „Василиј Острошки“. Му благодарам на Господ за сите убави мигови што, и покрај се, сепак ги имаше во 2022, и затоа велам, задоволен сум од она што ми го дава животот, задоволен сум од сите мали добри нешта и ситници, се радувам на секој добар настан и успех на моето семејство, колегите и моите пријатели со кои, неретко зборувавме за оние „стари добри времиња“.


Пред календарот да ја означи Новата 2023 година, пред социјалните мрежи да се преплават со пораки, пред мобилните оператори да се „загушат“ од повици, драги охриѓани, драги сограѓани, искрено Ви посакувам посреќна, безбедна, попросперитетна Нова 2023 година. Ви посакувам здравје, затоа што здрав човек е среќен човек, Ви посакувам љубов, меѓусебно разбирање, успех на личен, семеен и деловен план,мир и среќа.Се најдобро