
Запрашавме дел од професорите во Охрид и Струга, по што ќе ја паметат 2022 година. Еве ги нивните видувања.


Александра Настоска Николоска професор во ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ и советник
2022 година на деловен план ми беше максимално исполнета. Како член во советот на град Охрид, самата позиција претставува предизвик кој со себе повлекува голема одговорност. Да се служи на граѓаните е чест, но истовремено и голем товар со кој мора да се носиме и рационално да пристапуваме кон решавање на сите проблеми со кои се соочува нашето опкружување. Бидејќи сум кадар од областа на образованието, за 2022 година посебно ме радува што наставата започна да се одвива со физичко присуство, по поминатиот период во пандемијата конечно се овозможи учениците да бидат едуцирани во училишните клупи. Исто така, оваа година јас како координатор на Еразмус-проектот за нашето училиште ја имав честа да бидам учесник на работилница која се одржа во Шпанија на тема: ,,Креирање виртуелна лабораторија и дигитални алатки за изучување на домашни паметни системи”. Тоа е многу значаен проект кој содржи компании и училишта од земји партнери на нашето училиште како: Турција, Шпанија, Грција, Данска ,Ирска. Што се однесува на приватен план, моите желби, мојата енергија првенствено е насочена кон мојот четиригодишен син Михаил. Тој е мојата оаза на инспирација за живот и мотив за моето постоење. Оваа година почна да оди во градинка, јас и сопругот сме целосно посветени во однос на адаптацијата и социјализацијата со новата средина. Задоволна и среќна сум како Михаил ја прифати градинката.(Благодарност до Зоре,Диде,Сара) За следнава година очекувам да продолжиме со работа со зголемено темпо, реализација на сите започнати проекти кои се во надлежност на општина Охрид и креирање нови кои би биле во корист на нашите сограѓани. Да ги насочиме нашите ресурси кон промоција на туризмот во нашиот град и многу други работи кои ќе придонесат за поквалитетен живот. Мојата желба е Новата 2023 година да ни донесе многу здравје на сите, да бидеме среќни и успешни во нашата животна мисија, да размислуваме и да делуваме позитивно во секоја сфера од нашиот живот.


Александра Маркоска професор во ОСУ „Св. Климент Охридски“
Секој живот е серија дефинирани моменти, кои го обликуваат и сочинуваат нашиот живот и самите нас. Многу такви прекрасни моменти го исполнија моето секојдневие во годинава што изминува. Најдраги секако ми беа успесите на мојата ќерка, кои ме направија горд родител.
Во Новата година што доаѓа посакувам пред се‘ здравје и радост на моите мили, а очекувам поголеми успеси на деловен план. И да биде исполнета со неповторливи и запаметени моменти. Во Новата година да тргнеме во нови победи , нови предизвици да го очекуваме најдоброто, затоа што оној кој верува и ќе успее.


Ирена Ралева Најдеска – професор во ОЕМУЦ Св Наум Охридски
Изминатава 2022 година ќе ја паметам по успеси на професионален план. Следната година очекувам да биде исполнета со многу здравје, среќа и успех и на професионален и на приватен план. Немам посебни желби, посакувам здравје, мир и благосостојба.


Коста Хиохи професор во „Јахја Кемал“
2022 година ќе ја паметам по неколку важни настани: Излегувањето од печат на мојата втора монографија посветена на 90 годишното постоење на веслачкиот клуб Црн Дрим од Струга, Успешната реализација на првото издание на спортскиот фестивал Илинден преку кој го промовиравме туристичкиот потенцијал на Струга и успешните настапи на сите спортски клубови и спортисти во чиј подготвителен прооцес сум дел како кондициски тренер.
Во 2023 година очекувам подновување на струшката спортска литература со едно ново монументално дело посветено на 100 годишнината од доаѓањето на фудбалската игра во градот Струга, уште поуспешна сезона со кајакарење по Црн Дрим и Глобочичко Езеро со СК Соларис и секако уште помасовен спортски фестивал Илинден. За Новогодишна желба ќе посакам добро здравје бидејќи без него мема благосостојба и успех на ниту едно поле.