
Испраќаме година полна со предизвици, но и успеси, вели директорот на Градски Пазар, Александар Попоски.
Ваше видување за 2022 година?
Попоски: 2022 година која полека ја испраќаме, беше исполнета со многу нови предизвици за мене на деловен план, следствено на функцијата што ја извршувам малку повеќе од една година, како Директор на ЈП Градски Пазар Охрид.
Пандемијата ја надминавме, но се соочивме со нова криза, која бараше нови одговори. Клучен момент за годината која изминува, беше борбата со енергетската и ценовна криза и мерките што како претпријатие моравме да ги превземеме за да се олеснат нејзините ефекти. Кога ќе направам осврт на 2022 година можам да забележам дека не беше лесна година на деловен план , беше година пропратена со многу предизвици и проблеми во работењето, но јас по природа сум борец, а не личност која се откажува. Токму поради тоа, со поддршката на сите мои вработени ќе продолжиме да се справуваме со предизвиците и во годината што следи бидејќи научивме дека соработувајќи и делувајќи заедно, стануваме посилни.
Се‘ на се‘, можам да кажам дека 2022 година беше една убава година за мене и за моето семејство. Не дозволивме новите предизвици, а со тоа и новото темпо на живот кое го наметнува самата функција да ни го нарушат семејниот мир и успеавме во тоа!
Што очекувате во 2023 година?
Попоски: Нова Година – нов почеток.Претпоставувам дека повеќето ја перцепираат така новата година.Време кога имаме потреба да донесеме некои важни животни одлуки,да си покажеме себеси и на другите дека можеме да бидеме подобри,попаметни,помудри,поспособни… Кога јасно ќе ги формулираме целите кои си ги поставуваме и добро ќе ги осмислиме чекорите како да дојдеме до нивно остварување, можеме да прецизираме кои се нашите очекувања во годината што доаѓа.
Моето очекување за 2023 година е да биде многу подобра од оваа на деловен план.
Очекувам од моите вработени да продолжат посветено да работат и да го даваат својот максимум на своите работни места бидејќи само на тој начин , одговорно и тимски ќе допринесат за попросперитетна иднина на претпријатието и совладување на моменталната криза со која се соочуваме.
Ваша Новогодишна желба?
Попоски: Во Новата Година најнапред, им посакувам на сите да бидат здрави и среќни, да се грижат и да внимаваат на себе, бидејќи стресот е на секој чекор, дали на работа или во некоја друга сфера од животот. Опуштете се и уживајте колку што можете повеќе,бидејќи само на тој начин ќе станете задоволни личности, ќе бидете многу попродуктивни и посреќни. Посветете повеќе време на себеси и на своите желби, бидејќи само тогаш кога сте задоволни со себеси и со својот живот, на сите околу вас ќе им биде подобро и поубаво! Среќна Нова Година и среќни празници добри луѓе!