
За време на празниците и зголемениот обем на работа во угостителските објекти повторно на површина исплива проблемот со недостиг на кадар. Речиси сите угостители бараа келнери, шанкери, кувари и помошници во кујна.
Студентите на факултетот за туризам во Охрид велат, имаме стручен кадар, но условите за работа се лоши и платите во рестораните и кафулињата се многу ниски, токму затоа младите ја избегнуваат оваа професија.
-„Ние имаме многу квалитетен кадар, нашиот факултет е една фабрика за производство на квалитетен кадар кои работат во угостителството и туризмот. Ние имаме друг проблем кој не засега посебно нас кои треба да се вработиме. Тоа е проблемот на ниските плати во угостителството и туризмот. Оваа работа е многу благородна работа, но воедно многу напорна работа затоа што знаете дека работата со луѓе е секогаш една од најтешките. Но, за жал во Македонија ние не можеме да постигнеме стандард на високи плати“, вели Игор Пешевски студент на факултетот за туризам Охрид член на Студентско собрание.
Недостигот со кадар во угостителството кулминира последните неколку години, кога поголемиот дел од вработените во угостителскиот сектор заминаа да работат во фабриките и масовната миграција за сезонска работа во Хрватска.
„Нашите млади колеги кои треба да работат ги пакуваат куферите и заминуваат во странство. И таму ситуацијата не е сјајна, но сепак плаќаат многу повисоко во однос на домашните угостители. Се надевам дека тоа ќе го надминеме, се надевам дека ќе завршат овие проблеми кои се случуваат во светот и ќе можеме конечно да застанеме на нозе и да продолжиме да работиме квалитетно, бидејќи навистина имаме и сила, а го имаме и знаењето и најмногу од се‘ ја имаме нашата македонска традиција која секогаш е препознаена како гостољубиви луѓе, луѓе кои знаат како да пречекаат гости, знаат како да угостат и да направат да се чувствуваат пријатно и добредојдено“, додава Пешевски.
Младите не сакаат сезонална работа, сакаат повисоки плати, слободни денови, празници, прописен одмор, сигурна работа со здравствено и пензиско осигурување, токму затоа ја напуштаат професијата.
Новинар Соња Рилковска