
Масакр во Струга., утрово убиени десетина бездомни кучиња. Активисти на социјалните мрежи објавија вознемирувачко видео на кое се гледаат безживотните крвави тела на повеќе кучиња, натоварени на камион од Комуналното претрпријатие.
Од Анима Мунди информираат дека масовното убиство е направено со пушка утрово. Од таму испратија остра реакција, бараат надлежните итно да преземат мерки за пронаоѓање на сторителот.
-„Апелираме до надлежните институции ВЕДНАШ да ги превземат сите дејствија за сторителот да биде пронајден и кривично да одговара за ова масовно убиство! Никој нема за право да одзема нечиј живот, никој нема право со пушка во раце да пролее невина крв, безмилосно да убие и да помине неказнето“, стои во реакцијата на Анима Мунди.
Пред неколку денови Струга конечно најави решавање на проблемот со уличните кучиња. После бројните реакции на граѓаните за преголемиот број кучиња низ струшките улици и напади, општината во буџетот, предвиде финансиски средства за стерилизација, кастрација и обележување на бездомните кучиња.
-„ Кучињата скитници се голем проблем со кој треба да се справуваме. Ние работиме во изнаоѓање на решение со тоа што ние навистина како локална самоуправа не можеме сами да се справиме со кучињата скитници. И да направиме Центар за нивно згрижување кој може тоа да го издржи“, вели Рамис Мерко градоначалник на Струга.
Масовното убиство на уличните кучиња од кои некои биле маалски и домашни миленици е пријавено во полиција, од каде бил извршен и увид. Проблемот со уличните кучиња во Струга се провлекува со години, последните месеци зачестија нападите врз граѓани, a oпштинатa исплатила милионски суми за отштети.
ВИДЕО
Новинар Соња Рилковска