ТОП 5 појави на штетни странски влијанија во С. Македонија во 2022 година

Пропагандната машинерија на Кремљ доминира во ширењето на дезинформациите, но на хоризонтот се појавува и кинеската пропаганда

Пишува: Горан Лефков

Русија води војна во Украина, но руската пропаганда води војна во целиот свет. Таа војна во 2022 година имаше различни цели. Примарна беше да ја соопшти „руската вистина за специјалната операција“. Неретко цел на хибридната војна што ја води руската пропаганда на Бакланскиор полустров станува и С. Македонија. Ова се случува кога околностите на регионален план ќе се подредат на таков начин што Кремљ ќе се најде во ситуација да добие можност или да се наметне со цел да изврши влијание врз некој настан, пред се преку нанесување штети како креирање раздор, односно нарушување на добрите односи меѓу земјите во регионот, експлоатација на спорови преку вршење активности таквите спорови да се влошат, да се креираат непријателства, страв, бес и слично. Опасностите од хибридната војна што ја води оваа пропаганда се исклучително опасни за демократијата и демократските процеси. Тоа веќе го видовме со вмешаноста во претседателските избори во САД и изборот на Доналд Трамп, со референдумот за Брегзит и уште со неколку други изборни циклуси низ светот. Во земјава се соочивме со вмешаноста на Кремљ кон крајот на политичката криза во 2017 година, со вмешувањето на Кремљ околу референдумот за името во 2018 година, со активностите и заканите на Кремљ кога земјава ги преземаше последните активности за зачленување во НАТО во 2020 година и експлоатацијата на македонскиот спор со Бугарија во насока на негово заострување.

Вистиномер издвои 5 појави на штетни и недемократски странски влијанија во С. Македонија во 2022 година. Тие не се подредени по никаков редослед и оваа листа не е во никој случај исцрпна.

1. Војната во Украина и јавното мислење за неа во С. Македонија

Руската пропагандна машинерија одеше со многу посилни движења од руската армија. И додека руската армија окупираше делови од Украина, пропагандата на Кремељ беше раширена по целиот свет. Со започнувањето на анексијата на Украина, руските портали објавуваа информации дека украинскиот претседател Володимир Зеленски побегнал од Украина. Затоа највисоките украински раководители го покажаа видео од центарот на Киев.

Друга дезинформација која подоцна се појави и со која руската пропаганда се обидуваше да го скрши духот на украинските борци е дека тие масовно дезертираат од украинската армија. Оваа дезинформација ја демантира украинскиот портал Стоп Фејк, а Вистиномер во текст ги објави македонските портали кои ја пренесоа веста, повикувајќи се на неименувани разузнавачки информации на руската страна.

Како оправдување на агресијата на Украина, рускиот претседател Владимир Путин се обидуваше да ја поврзе Украина со нацизмот и сите други земји што ја подржуваат Украина да бидат прогласени за нацистички. Во една таков контекст беше спомената и С. Македонија, иако земјава има антифашистичка историја. И на овој обид реагираше Вистиномер.

2. Изјавите од Руската Амбасада во С. Македонија

Како прв официјален извор на дезинформации на македонски јазик беше Руската амбасада во Скопје. Особено на почетокот на годината кога започна руската агресија на Украина. Рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, заради дезинформациите што ги ширеше често беше дел од сервисите за проверка на факти годинава. Така, Вистиномер на неколку пати реагираше како брана во ширењето на тие дезинформации. На 23 февруари годинава, беше разобличено тврдењето на Баздзникин дека Русија морала да ја нападне Украина за да обезбеди просперитет и спокој, што не беше точно.
Тој ги користеше сите можности да бара врзивни елементи со С. Македонија, при тоа вешто оцрнувајќи ја евроатлантската орентација на земјава. Така, во мај Баздникин во Куманово изјави дека Русија безусловно го поддржува македонскиот идентитет, а еден од столбовите на македонскиот идентитет и Македонската православна црква, која скоро и да немаше никаква поддршка од Руската црква во нејзините напори за автокефалност.

3. Дезинформации кои играат со емоциите на луѓето

Руските политичари на Балканот секогаш играле со емоциите на граѓаните. Тие и стратешки се позиционирани да направат максимален ефект со минимални инвестиции. Оваа уште во 2018 година беше објавено во книгата „Russian economic footprint in the Western Balkans” на Центарот за развој на демократијата од Софија.

Таа политика на емоции ја користеа и во 2022 година, кога во спорот со Бугарија, Владимир Путин изјави дека писменоста дојде од македонскиот јазик, а во исто време руската амбасадорка во Софија, Еленора Митрофанова и се заблагодари на Бугарија за писменоста. Оваа изјава дојде во моментот кога С. Македонија и Бугарија се договараа за одблокирање на процесот на преговори со Европската Унија и откочување на проширувањето. Процес што на Русија многу ѝ пречи. Тоа го знаеме уште од спорот со Грција, кога руските олигарси на Балканот, како Иван Сивидис, сопственик на солунскиот фудбалски клуб ПАОК и поранешен член на руската Дума, и во двете држави поддржуваше движења против договорот Ципрас-Заев, во 2018 година тогашниот премиер Зоран Заев во изјава спомена дека Сивидис финансирал протести во Скопје, а подоцна Сивидис демантираше.

4. Дезинформациите на руски орентираните српски портали

Влијанието на проруските таблоиди во Србија врз дезинформирањето во С. Македонија се значителни, особено кај повозрасната публика. Штетните влијанија кај оваа популација произлегуваат од тоа што таа има ограничени можности да ги провери тврдењата во српските портали како Спутник, Информер и слични. Оваа популација единствено може да чита на македонски и српски јазик, заради припадноста во поранешната заедничка држава и ретко некој да разбира англиски јазик.

Тие во 2022 година беа активни, промовирајќи ги руските позиции. Така, кога во пребарувачот на Информер ќе се цпише „Северна Македонија“, се појавуваат повеќе од 30 написи само за поврзаноста на земјава и Русија.

Одлуката на македонската вада да протера 5 руски дипломати во 2022 година беше искористена за промовирање на руската страна во приказната. За подгревање на страстите користеа изјава од Иван Стоиљковиќ, пратеник во Mакедонското собрание од српската заедница во кое тој изјавува дека протерувањето на руските дипломати од С. Македонија е како да протерате Срби од Македонија.
Стоиљковиќ, многу често беше присутен со свои изјави и ставови во овие портали. Тој и двајца пратеници на Левица, беа единствените во македонското Собрание кои гласаа против усвојувањето на декларацијата за подршка на Украина.

Така, теми во текстовите кои можат да се идентификуваат е дека С. Македонија ќе има проблеми во енергетиката и со прехрамбените производи. Истите наративи можат да се најдат и во руските медиуми како Раша тудеј.

Присутни во проруските портали во Србија беа и заканите на руските официјални лица дека ќе забранат извоз на гас за С. Македонија и Црна Гора по забраната за прелет на авионот на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, при неговото патување за Србија.

5. Кинеското влијание и пропаганда

Кинеското влијание сѐ повеќе е присутно во земјите на Балканот. Преку изградба на различни инфраструктурни проекти во Северна Македонија, Црна Гора и Србија, преку купување на пристаништата во Грција и промоција на Патот на свилата, Кина се наметнува како моќен извор на пропаганда во С. Македонија. Од 2009 до 2021 година Кина инвестираше околу 32 милијарди евра во регионот. Најмногу во Србија – 10 милијарди евра.

Посебно се токсични инвестициите од кинеската Ексим Банка, при што е познат случајот со Црна Гора која бараше пари од Европската Унија да се раздолжи кај Кинезите. Проблемот со кинеските инвестиции е што тие воопшто не ја гледаат нивната исплатливост за кредитобарателите. Влегуваат во договори во 4 очи со корумпирани политичари и граѓаните потоа треба да ги исплаќаат таквите штетни договори со децении во иднина. Таков е примерот со автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид. Автопатот Миладиновци-Штип е направен со многу пропусти. Цената е двојно повисока и со тоа штетите од оваа коруптивна зделка се неколкукратно поголеми.

Оваа година експанзионизмот на Кина беше споменат и како хибридна опасност за безбедноста на НАТО.

Подиректен канал за влијание на кинеските информациски кампањи е Фејсбук и тоа страниците на кинеската амбасада во Скопје и на Институтот Конфучиј. Институтот е присутен на Фејсбук речиси од самото формирање во 2013 години, иако во почетокот имаше многу мал број објави во споредба со денес.

Кинеската пропаганда започнува да се шири преку Кинескиот универзитет со седиште во Будимпешта. Во „Неделниот брифинг“ имаат многу слични ставови и пристап, како и руската пропаганда. Иако е нова, оваа пропаганда, сепак, стартуваше прилично агресивно.

Кинеската пропаганда е позната и по тоа што своето влиујание го остварува преку интелектуалци и тоа особено оние кои претходно студирале или во моментот студираат во Кина. Кога станува збор за С. Македонија, таков е и овој случај.

Тамошните пропагандисти имаат пристап кон таквите поединци, кои, пак, од друга страна не сакаат да се замерат со кинеските власти и со тоа да не можат да си обезбедат пристап до кинеските едукативни и други институции со кои соработуваат, да не можат да патуваат во Кина и со тоа да претрпат негативни последици во својата кариера.


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани