Која е тајната? Зошто варошани го фаќаат крстот во Охридското езеро?

Која е тајната? Зошто само варошани го фаќаат крстот во Охридското езеро? Претпразнично да се потсетиме, на еден текст објавен во списанието Република пред десет години (јануари 2013 година).

По пет пати светиот крст го имаат фатено Јован Бабачев и Митко Топенчаров, а четири пати Јован Рилков, сите од населбата Варош.

Некои веруваат дека има тајна, мистика, божја волја … други дека е тактика, сила и познавање на езерото, трети не веруваат… мислат дека е наместено. Годинава се потврди спротивното. По светиот крст во Охридското езеро капачите трагаа дваесет минути. Никој не можеше да го најде… Премрзнаа дваесет луѓе, стотина се откажаа.. настана паника. Редовните фаќачи на крстот не беа во вода.

Владиката Тимотеј ги повика да скокаат, да го бараат крстот. Така влезе Јован Бабачев и веднаш го извади светиот крст од дното на езерото. Тогаш Тимотеј не се воздржа и рече – “Пак грешете душа и викајте дека е наместено!“

Светиот крст што се фрла во Охридското езеро е единствен во земјава.Тој е изработен од дрво и месинг и потонува под вода. Лебди на дното на езерото. Не се знае колку е стар, постарите велат од памти век со него се осветуваат водите на Охридското езеро. Крстот му припаѓа на црквата Свети Никола Ѓеракомија, токму од Варош.

Со варошани се пробале и мажи од Битола, Куманово, Струга, Гостивар и Ресен. Се пробале и странци Холанѓани, Украинци, Шкотланѓани, но никој не успеал да го најде крстот во езерото.

Јован Бабачев пет пати го има фатено светиот крст во Охридското езеро. За прв пат го фатил на 17 години а, не памети од кога на Водици се капи во ладната езерска вода. Тоа е света, духовна традиција за него. Тајна нема, нема ни формула светиот чин на празникот е само божја промисла.

Само со силна вера во Бога, пост и молитва може да се извади светиот крст од Охридското езеро. Луѓето треба да веруваат, да се молат , да простуваат , да живеат црковен живот, вели Бабачев за Република.

Дека се е божја сила верува и Митко Топенчаров. Тој по крстот редовно скока од 14 години, среќата за прв пат го послужила дури на 25.
Пред да го фати крстот на молитва во црква се случувало да го сретнат пријатели и роднини и да му речат – “Те сонував сношти, ти го фати крстот”. И подоцна тоа ке се случело и на јаве.

Ние пораснавме во вода. Живееме со езерото и тоа живее со нас. Тоа е една нераскинлива алка. Како деца секоја игра ни беше во вода. Го познаваме езерото како сопствената душа, но и веруваме силно во Бога. Богојавление за нас е посебен празник, вели Митко Топенчаров кој исто така пет пати го има фатено крстот.

Денот пред Водици постат, рано утрото одат на молитва во црква. Со силна вера во Бога забораваат на студот, не пијат алкохол и имаат една единствена желба да го фатат крстот.

За разлика од другите места во земјава, во Охридското езеро светиот крст се фрла од брод на два до три метри длабочина, а тој потонува на дното. Капачите имаат тешка задача, прво пливаат стотина метри до бродот а, потоа нуркаат за да го пронајдат. Сето тоа се случува на температура од 4 до 7 С .

Варошани го познаваат езерото, водените струења и бранот, па така лесно го наоѓаат местото каде е фрлен крстот. Организирани се во тајфи, сите се пријатели но, во водата се вистински ривали. Откако ќе се најде крстот повторно се пријатели и заедно слават.

Јован Рилков е најмладиот фаќач на светиот крст во историјата на Охрид. Уште како дете на 14 години успеал во битката со стотиците капачи. Го скрил крстот во шорцевите за да не му го земат постарите, се качил на кајче па го покажал.

Само со силна вера во Бога може да се достигне целта, вели Јован Рилков човекот кој четири пати го фатил крстот.

Празникот Водици е посебен ден за охриѓани, особено за варошани. Тие го слават со силна вера, душа и срце. Иако денот доби на масовност, прерасна во најголема црковно народна манифестација во земјава, крстот никогаш не замина од рацете на варошани. Тие всушност се основачи на оваа традиција.

Водици не е натпревар , не е тактика велат охридските херои во фаќање на крстот. Тоа е верата во Бога, кој на тој ден се јавил на Исусовото крштевање во реката Јордан.

Новинар Соња Рилковска

Текстот е обајвен во списанието Република во јануари 2013 година

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани