Путин ја обнови главната дезинформациска мантра – војната ја почнала Украина, а Русија војува за мир

Рускиот претседател Владимир Путин, говорејќи на два одвоени настана во Санкт Петерсбург, ја обнови главната дезинформација што ја шири Москва како оправдување за нејзината агресија врз Украина што започна на 24.02.2022 година: за војната се виновни Украинците затоа што од превратот во 2014 година трае геноцидот врз руското население во Донбас, па на Русија не ѝ остана ништо друго освен да ја започне „специјалната воена операција“ за да обезбеди мир. Притоа, тој ни со еден збор не ја спомена руската анексија на Крим од истата таа 2014 година, како ни многу други детали што не ѝ одат во прилог на руската политика

Кога започна руската агресија врз Украина во февруари 2022 година претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин се обрати до јавноста со говор во кој имаше шокирачки пораки во кои појаснуваше зошто руските дивизии и бригади беа упатени од неколку правци во внатрешноста на Украина, при што тогаш најопасна се чинеше можноста Киев да биде заземен за неколку дена. Во тогашниот говор Путин подвлече дека:

По барање на населението во Доњецк и во Луганск, кои се жртва на геноцид веќе осум години од страна на режимот во Киев, наредив специјална воена операција. Ќе се стремиме кон демилитаризација и денацификација на Украина и на приведување кон правдата на тие што извршија бројни крвопролевања врз мирните жители вклучително и врз граѓани на Руската Федерација.

Безмалку една година подоцна претседателот Путин ја повтори таа главна дезинформациска мантра на Москва, говорејќи на два одвоени настана во Санкт Петерсбург на 18 јануари. Тој најпрво им се обрати на воените ветерани по повод денот на пробивањето на обрачот околу некогашниот Ленинград во Втората светска војна, а потоа им се обрати и на дел од вработените во огромниот комплекс за производство на противвоздушни орудија и ракети „Обухов“. Микс од обраќањето можете да го проследите на видеото што на Јутјуб го пласираа повеќе извори, а најважните делови од говорот беа пренесени од агенциите и во македонскиот медиумски простор.

Она што Русија го прави е војна за мир!?

Не споменувајќи детали што не му одат во прилог, Путин кажа дека Русија немала избор, па морала да го стори тоа што го стори на 24.02.2022 г., затоа што војната во Донбас траела од 2014 година:

Трагедијата поврзана со настаните во Украина започна со анти-уставниот и анти-владиниот вооружен пуч во 2014 година..Сè што правиме денес, вклучително и специјалната операција, како што сум рекол многу пати, е обид да се стави крај на таа војнаОва е значењето на специјалната воена операција. И да ги заштитиме нашите луѓе кои живеат таму – вели Путин (види после 0.30 мин. во видеото).

Путин изрече уште една дезинформација, а тоа е дека Русија била лажена, влечена за нос, како што кажува, во врска со Донбас:

Долго страдавме, долго се обидувавме да се договориме. Како што се испостави сега, нè влечеа за нос, не измамуваа. Вакво нешто не ни се случува првпат. Сепак, направивме се за мирно да се нормализира ситуацијата. Сега стана очигледно дека такво нешто, по дефиниција, беше невозможно, рече Путин на средбата со ветераните од Втората светска војна по повод 80-годишнината од пробивањето на блокадата на Ленинград.

Она што не го кажа претседателот Путин е дека оган врз маслото и своевидно поткопување на Договорите од Минск уште во февруари 2014 година додаде Русија со својата анексија на Крим, полуостров кој според меѓународното право и претходни билатерални договори меѓу Киев и Москва уште од советско време, беше составен дел на Украина. Референдумот за отцепување на Крим во март истата година и подоцна припојување кон Руската Федерација никогаш не беше признат од ООН, ниту пак, од САД, ЕУ и ОБСЕ, но тоа за Кремљ не значеше ништо.

Исто како што не значеше ниту континуираната поддршка на паравоените формации во Донбас за цело време од 2014 година, од кога започнаа немирите по превратот во Киев и напуштањето на Украина на поранешниот претседател Виктор Јанукович.

Повторно за „Бандеристите“ и украинските „нео-нацисти“

При посетата на Санкт Петерсбург Путин не го заборави ниту наративот од февруари 2022 година, дека Русија сака денацификација на Украина, зашто со Киев владеат „Бандеристи“ и „нео-нацисти“.

Ние сме многу искрени кога зборуваме дека се бориме со нео-нацисти. Видете, Бандера кој соработуваше со Хитлер и кој убиваше мирно население, значи вршеше убиства врз цивили, е воздигнат (од Киев) во национален херој на Украина. Како е можно да се објасни ова? И сите помалку се правата дека не го забележуваат ова. Но тоа е така – изјави Путин во обраќањето до вработените во воената фабрика (види од 2:22 мин. во видеото).

Притоа Путин воопшто не споменува дека ликот на Степан Бандера, контроверзен украински политичар од периодот пред Втората светска војна и ден денес е контроверзен и во самата Украина. Нема единствена политика кон него, ниту пак, единствен став кај самите Украинци. Тој и денес за едни е херој, а за други предавник, но Русија уште од 2014 година, поистоветувајќи денешни национални симболи на Украина со оние од времето на Бандера, врши негативна перцепција кон цела Украина и кон украинскиот народ. Еден од главните дезинформациски наративи, што беше појаснето во анализата на „Вистиномер“ од октомври 2022 година.

Говорот на Путин пред вработените во „Обухов“ беше збогатен со анализа дека Русија сама произведува повеќе противвоздушни ракети од целиот западен воено-индустриски комплекс и дека од нивната работа зависат многу состојби во Русија, додека пак, пред говорејќи ветераните заклучи дека победата на Русија во Украина е неизбежна.

Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани