
Околу 600 социјално ранливи семејства од Охрид и Дебрца добиваат помош од Црвениот крст Охрид. Дел во храна, средства за хигиена, лекови, прегледи, оперативни зафати. Економската криза и бранот на големи поскапувања секојдневно го зголемува бројот на сиромашни.
Бројот на социјално загрозени во охридско достигна околу 2 500 лица.
„На најразлични начини гледаме да излеземе во пресрет на оние кои што имаат потреба. Ги има во се поголем број верувајте со се поголемата скапотија , се поголемата сиромаштија, се поголем број луѓе бараат пмош од Црвениот крст. Гледаме да излеземе во пресрет и со помош и поддршка на општествено одговорни фирми и компании, институции, поединци кои што можат да помогнат преку Црвениот крст“, вели Сашо Точков претседател на Црвен крст Охрид.
Поскапувањето на електричната енергија и енергенските ги примораа социјално загрозените граѓани да бараат и помош за огрев. Лицата со пониски плати не можат да ги задоволат основните потреби, се соочуваат со недостиг на финансии.
„ Во зимскиот период се бара дрва, огрев, помош за сметките за струја. Се бара храна верувајте дека секој ден ги опслужуваме со леб пециво поголема бројка на луѓе. Секојдненво доаѓаат овде и даваме она што имаме и можеме“, вели Точков.
Од Црвениот крст Охрид апелираат до општествено одговорни компании и хумани граѓани кои имаат можност да донираат за помош на социјално загрозените граѓани.
Новинар Соња Рилковска