

Преку 200 пациенти во изминатиов месец биле хоспитализирани на детското одделение во Кичево. Дневно имало и по стотина прегледи. Состојбата оваа недела е помирна велат лекарите, но опасност од нов бран заболени има со стартот на второто полугодие.
Најчесто, исти симптоми кај децата кашлица, температура и брохопневмонии.
-„Не знаеме новите контакти што ќе донесат дали ќе се зголеми или намали бројот на пациенти. Ние примаме пациенти од нула до 18 години, ги лекуваме. Можам да кажам дека симптомите на сите пациенти биле тука некаде слични со кашлање и висока температура“, вели д-р Неџат Балажи началник на Детско одделение Кичево.
Ваков бран на вирози и настинки, не паметат лекарите. Велат влијание има и пандемијата, изолациите кај децата, кои доведоа до намален имунитет, воедно овие вирози годинава се многу поагресивни.
-„Овој бран бил можеби најлош од сите брнаови до сега што биле, а ова се должи јас лично како педијатар сметам дека е така затоа што децата беа изолирани за време на короната, останаа дома не беа во контакт тие го изгубиле и имунитетот“, додава д-р Балажи.
И во кичевската болница недостигаат лекари. На детското одделние моментално има само тројца специјалисти педијатри, на помош за дежурства доаѓа уште еден лекар од Здравствениот дом.
Новинар Соња Рилковска