
Се провлекува проблемот со бездомните кучиња во Струга. Активистите алармираат за нови напади врз животните, пишуваат за масовно труење на улични кучиња во градот. Од друга страна продолжуваат и нападите врз граѓаните.
Пред неколку денови од глутница агресивни кучиња беше нападната девојка во Струга.
Нела Стојаноска заврши во болница со рани од угризи на раката и ногата. За стравот и траумите отворено зборува за Охриднет.
-„Беа шест кучиња од кои што сите се втрачаа кон мене. Едното ме касна за левата нога, другото за десната рака. Третото ми скокна врз градите и лаеше врз мене. Проблемот е тоа што кучињата имаат огромен замав земено во градов. Јас нема да сум послендата жртва, а ниту бев прва. Мислам дека редно време е да се собереме сите граѓани и да одиме кај оние што го бараат нашиот глас за да го слушнат“ , раскажува Нела Стојаноска нападната стружанка.
Стојаноска вели е голем љубител на кучињата, и секогаш била на страната на заштитата, но бара општината итно да преземе мерки за решавање на овој горлив проблем со кој се соочуваат стружани. Кучињата не смеат да бидат на улиците, а граѓаните не може да живеат во страв.
„Јас се надевам дека ќе се реализира најавата за стационар, дека ќе има кастрација. Навистина сум против убивање, јас сум љубител на животни но сепак човечкиот живот вреди многу повеќе. Во оваа ваква ситуација со толку кучиња агресивни страв ми е да шетам сама, но останувам љубител на животни. Институциите овој проблем не го гледаат како проблем не се замараат воопшто до нив не допира ова“, додава Стојаноска.
Вина имаат и граѓаните кои земаат миленици, а по извесно време ги фрлаат како партали на улица. Така со години расте бројот на улични кучиња кои изгладнети, тепани и бркани потоа напаѓаат. Од општина Струга после масовното убивање со пушка на десетина улични кучиња најавија дека е распишан тендер за заловување, кастрација стерилизација и нивно обележување и враќање на улица. Воедно направен е проект за изградба на стационар, но за негова реализација се бара финансиска поддршка од државата.
Новинар Соња Рилковска