
Во Струга денес започна акција за третман на кучињата скитници.
Утрово, започна акција за третман на кучињата скитници во градот Струга, како што известивме неколку денови претходно, со цел да се реши овој многу сериозен проблем. Лица овластени за заловување и хуман третман на кучиња скитници од Ветеринарната Клиника ИНО-ВЕТ од Куманово, во присуство на овластениот инспектор на Општина Струга, започнаа со заловување на кучиња скитници во некои делови од градот со цел да се третираат според ветеринарни/законски процедури, информираат од општината.
Оваа активност ќе продолжи и во наредните денови, затоа апелираме до граѓаните на Струга да ги држат домашните кучиња под контрола, да ги евидентираат или да ги вакцинираат доколку не ја завршиле оваа работа, бидејќи нивното пуштање на улица ќе се смета како овие кучиња да се скитници и доколку бидат фатени од горенаведените овластени лица тогаш ќе следат законски процедури.
Со горенаведените лица се согласивме дека овој проблем треба да се реши на национално ниво, но сепак сме задоволни како општина што овој проблем почнува да се решава. Бараме од граѓаните да се активираат во ова насока, со пријави во полиција кога ќе видат појава на растоварување на кучиња во нашиот град.
Токму во ова насока ја контактиравме и Полицијата во Струга и побаравме да застанат на влезните точки во градот и да ги проверат комбињата или камионите за кои постои сомневање дека превезуваат кучиња скитници од другите градови од нашата држава, стои во соопштението на општина Струга.
За било каков проблем со кучињата скитници контактирајте ја Општина Струга и локалната канцеларија на Агенцијата за храна и ветеринарство.