16 месечно дете од Струга со тешки повреди пренесено во Скопје

16- месечното дете од Струга  кое со тешки телесни повреди вчера било донесено во болницата за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, има хематом на главата, скршеници на градите и други повреди по телото.

Директорот „Св.Еразмо“, Ацо Велески, за „Макфакс“ вели дека детето е испратено на Детска хирургија во Скопје откако кај  нив му била укажана помош и било дијагностицирано.

„Од она што утрово ми го реферираа колегите кои вчера го примиле 16-месечното дете, тоа имало фрактури на градите, хематом на главата и други повреди по телото. Му била укажана помош, било дијагностицирано и испратено на Детска хирургија во Скопје. Во нашата болница било донесено со Итна помош од Струга, а со истото возило било испратено и за Скопје“, рече  директорот Велески кој нагласи дека кај нив нема податоци како е повредено детето.

Славица Литајковска, директорка на клиниката за детска хирургија за „Макфакс“ изјави дека 16-месечното дете е во стабилна состојба, но го чека операција.

„Детето е на интензивна нега на нашата клиника, во стабилна состојба. Има скршеница на левата надлактица и ставено е на програм за операција за утре. Има скршеници на градите и постојано ја следиме неговата состојба со контролни рендгени . Хематомот на главата не е единствен, при прегледите утврдивме  и стари хематоми“, рече директорката Литајковска за Макфакс.

На Клиниката за хирургија вчера биле мајката и таткото на детето, а денес за состојбата добиле известување телефонски. Не се знае како е повредено детето.

 

 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани