
Граѓанските огранизации го поздравуваат отворањето на канцеларија на Унеско во Охрид. Сметаат дека доколку во неа работат луѓе со легитимитет ќе се променат работите на полето на заштитата на културното и природното наследство. Велат се надеваат дека канцеларијата на Унеско ќе донесе подобар мониторинг на состојбите, поголема контрола и ќе се намали девастацијата на заштитеното подрачје.
-„Позитивно во целата оваа работа е тоа што и министерката најави дека ќе се отвора канцеларија на Унеско во Охрид. Тоа е убава и позитивна работа, на таа канцеларија треба да и се даде кредибилитет и легитимитет да може да го заштитува природното и културното наследство. Ако таа канцеларија ја направат чисто проформа и вметнат партиски луѓе тогаш ништо од таа канцеларија нема да бид, но ако доследно се заштиува природното и културното наследство многу работи ќе се променат“, вели Никола Киселинов од Здружението „Билјана“.
Ажурираниот извештај за состојбата со заштитата на Природното и културното наследство на Охридскиот Регион и напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство, со Стратегискиот план за рехабилитација на Природното и културното наследство на Охридскиот Регион (2023 – 2030) , кои државата ги достави до УНЕСКО се недостапни за граѓанските организации. Активистите велат не знаат што испратиле од земјава, но и натаму тврдат дека на терен не се исполнети ниту дел од препораките на УНЕСКО.
-„Ние тој извештај како граѓански организации не го имаме видено, не знаеме што пишува во тој извештај , какви се мерки и активности се преземени. Реално збирувајќи во пракса ситуацијата е сосем друга. Се гледа само деструкција и деградација, на природното и културното наследство. Ова го зборуваме со факти. Ситуацијата е влошена и од година во година се повеќе се влошува“, додава Киселинов.
Министерката Костадиновска-Стојчевска, пред една недела при официјалната посета на Париз, истакна дека сме свесни за потребата од понатамошни континуирани напори во согласност со препораките за справување со идентификуваните ранливости и закани, и изрази надеж дека на 45. сесија на Комитетот за светско наследство, што ќе се одржи во септември во Ријад, Саудиска Арабија, ќе се усвои одлука со која Природното и културното наследство на Охридскиот Регион ќе остане на Листата на светско наследство.
Наспроти неа невладините организации сметаат дека комисијата на Унеско ќе има нови дополнителни забелешки.
Новинар Соња Рилковска