Двојно повисоките сметки за електрична енергија го отежнуваат работењето на Здравствениот дом Вевчани и двете амбуланти во селата Лабуништа и Велешта. Лани во јануари сметката за електрична енергија била 95 000 денари, а годинава 195 000 денари.
Од менаџментот велат ги почитуваат препораките и заштедиле 20% киловат часови, но тешко е да се сервисираат превисоките сметки поради енергетската криза.
-„Ние се трудиме да ги сервисираме високите сметки но факт е дека се уште тоа ни претставува страшно голем пробем. И перспективно мислам дека на работењето негативно ќе ни се одрази, но се надевам дека во соработка со фондот и со министерството за здравство ќе успееме да го решиме овој проблем“, вели Јован Стојкоски директор на Здравствен дом „Д-р. Светозар Чочороски“ Вевчани.
Иако владата во септември лани најави бенефицирана цена за целото јавно здравство, здравствените институции останаа на слободниот пазар.
– „Ние сме на слободниот пазар и со последниот тендер склучивме спогодба со ЕСМ и фактички добивката е во тоа што маржата од претходните 10% ни е намалена на 5% и колку толку мислм дека и тоа ќе влијае на нашето работење да биде поефикасно и подобро“, вели Стојкоски.
Но, и покрај кризата со поддршка на општествено одговорни компании деновиве заврши реконструкција на амбулантата во Велешта. Значително се подобрени условите за лекување на пациентите од целиот регион.
-„Ова е пример на соработка меѓу установата и општествено одговорните компании и граѓаните на Велешта со нивна голема помош. 0028Извршивме комплетна реконструкција на внатрешната дограма, подните простории, санитарните чворови така што условите за работа се далеку подобри од претходно“, додава Стојкоски.
Енергетската криза го отежнува работењето на сите здрвствени институции во регионот, кои се соочуваат со големи долгови и блокирани сметки.