Потпишана Спогодбата за потраги и спасување меѓу земјите во регионот

Агенциите за цивилно воздухопловство на Република Македонија, Србија, Словенија и Црна Гора денеска во Охрид ја потпишаа Спогодбата за потраги и спасување како дел од заедничките операции на земјите од регионот во цивилната авијација

Со Спогодбата, како што истакнаа потписниците, се зајакнува меѓусебната соработка и поддршка на земјите членки во градење, развој на капацитети, размена на искуства и знаења во областа на потрага и спасување на воздухоплови, подобрување на оперативната прекугранична соработка, како и взаемна поддршка при имплементацијата на ICAO стандардите, регулативи и процедури во областа.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски истакна дека регионалната соработка е од исклучително значење за поставување на високопрофесионални стандарди во цивилното воздухопловство.

„Имајќи предвид дека е потребен оранизиран систем за потрага и спасување на воздухоплови и лица во опасност како операции од висок ризик, денешниов собир е само потврда дека ние земјите од регионот работиме на усогласување на домашните легислативи во обезбедување на потребните ресурси за овој тип на операции. Развојот на авиосообраќајот и воздухопловството во Република Македонија е високо на агендата на Владата и во таа насока создаваме услови да креираме долгорочен и ефикасен систем на организирање на цивилната авијација“, рече министерот Бочварски.

Директорот на Агенцијата за Цивилно воздухопловство (АЦВ), Томислав Тунтев истакна дека со ова се врши хармонизација на операциите за спасување во земјите од регионот со што постапките се интегрираат во еден ефикасен систем за обезбедување на потребните ресурси во цивилната ацијација, постапки целосно усогласени со стандардите на Еуроконтрол.

„Регионалната соработка е најважната меѓународна соработка во сферата на воздухопловството посебно кога се работи за хармонизација на активностите за трагање и спасување и унапредување на прекуграничната соработка на државите членки“, рече Тунтев.

Тој кажа дека со потпишување на ваквата Спогодба сите инволвирани служби во спасување, трагање, давање помош на унесреќени лица и материјални добра ќе бидат искоординирани и искористени на ниво на континент.

„Ова е прв обид да се направи една ваква значајна меѓународна соработка во регионални рамки“, рече Тунтев.
Со потпишување на спогодбата, се утврдува рамка за соработка на членките на Регионалниот советодавен комитет за потрага и спасување во цивилното воздухопловство (RASARAC), чие претседавање годинава го презема АЦВ.
С.ВРЕНЦОВСКА

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани