

Судот го прифати предлогот на основното јавно обвинителство и донесе решение за мерки за претпазливост, на младиот битолчанец осомничен за нападот на Пендиков да му се одземе пасошот и да му се забрани употреба на личната карта за преминување на државната граница. Дополнително според приложените мерки на претпазливост тој на секои 7 дена ќе биде обврзан да се јавува кај службено лице или кај надлежен државен орган.
Како што дознаваме Ангелов е лице кое и е добро познато на полицијата. СВР Битола во текот на месец ноември 2016-та година против битолчанецот има поднесено кривична пријава за нанесување тешка телесна повреда.
Од Обвинителството додаваат дека се собираат докази со цел да се проверат наводите кои се изнесени во поднесената кривична пријава против осомничениот. За таа цел, како што посочуваат, во својство на сведок, во процесот неопходно е да учествува и оштетениот Христијан Пендиков.
„Со оглед на тоа, Основното јавно обвинителство Охрид ќе се обрати до надлежните органи во Република Бугарија за да ја обезбеди адресата на неговото сегашно престојувалиште“, посочуваат од Охридското обвинителство.
Осомничениот Ангелов, исто како и претходно обвинетиот Спасески во оваа постапка, тврди дека има само македонско државјанство.
Постапка за нападот на Пендиков досега се водеше против едно лице, кое беше и 30 дена во притвор, а деновиве беше пуштен да се брани од слобода. Судското рочиште за него е закажано за 28 февруари, а сега и второобвинетиот 23 годишниот битолчанец ќе се брани од слобода.
Пендиков секретарот на Бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ беше претепан на 19-ти јануари во Охрид, а Обвинителството објави дека претепувањето било извршено од омраза. Македонскиот државјанин со бугарски владин авион беше префрлен на лекување во Софија, а по излегувањето од болница доби сместување и заштита.
Сител ТВ