
Најновото истражување покажа дека секојдневната употреба на канабис го зголемува ризикот од срцев удар.
Според истражувањата, луѓето кои секојдневно користат канабис имаат 34 отсто поголеми шанси да заболат од коронарна артериска болест, најчеста форма на болести на срцето, во споредба со оние кои никогаш не ја користеле таа дрога, пренесува „Блумберг“.
Претходните студии покажаа дека пушачите на канабис, особено помладите, може да имаат зголемен ризик од мозочен удар или други болести, а од друга страна, неговата употреба е во пораст во многу делови од светот, поради дејството во ублажување на хронична болка и помагање на состојби како гадење, предизвикани од хемотерапија.
„Во однос на јавното здравје, истражувањето покажува дека веројатно постојат одредени штети од употребата на канабис кои не биле препознаени претходно, и луѓето треба да го земат предвид тоа“, вели водечкиот автор на истражувањето и лекар од Универзитетот Стенфорд, Ишан Паранџпе.
„Блумберг“ потсетува дека сè повеќе земји ги ублажуваат правилата во врска со марихуаната во последните години, иако таа сè уште е нелегална во поголемиот дел од светот.
Во САД, рекреативната употреба се зголеми откако беше легализирана во многу држави, иако сè уште е забранета на федерално ниво.
Истражувачите откриле дека постои врска со зачестеноста на употребата на канабис, така што користењето еднаш месечно наместо секојдневно не довело до значително зголемување на ризикот.