

Охридски „Водовод“ доставил барање до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги да се зголеми цената на водата за 70 проценти. Претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски вели дека ваквото барање е нереално, со оглед дека државата им ја субвенционира цената на струјата на јавните претпријатија.
-„Корекција на тарифата за вода поради зголемена цена на електричната енергија, покрај Скопје побараа и Општините Охрид, Кочани и Ресен. Охрид побара најголемо зголемување на цената од 70 отсто. Ние барањето го разгледуваме, но тоа е нереално. Ќе ја зголемат цената на водата за 70 проценти за да можат да бидат фабрика за вработувања“, рече Бислимоски одговарајќи на новинарско прашање на презентацијата на студијата „Ефектите на кризата со храна и енергија врз децата и семејствата во Северна Македонија“, изработена од Институтот за истражување и економски политики „Фајненс тинк“ и УНИЦЕФ.
Регулатората комисија на редовна седница в четврток ќе одлучува за барањата на Општините за нови тарифи на водата. Бислимоски вели дека ќе се донесе одлука и за Скопје бидејќи скопски „Водовод“ тоа го побарале.
Откако Регулаторна ќе донесе одлука за новите тарифи, управните одбори на јавните претпријатија треба да донесат предлог одлука за нова цена, а потоа таа треба да биде усвоена од Советот на Општината со мнозинство гласови.