
Специјализираната болница за нефрологија во Струга доби апарат за мобилна хемодијализа. Апаратот е донација од семејството на Софија Огненова, пациентка која почина лани, а беше единствена во државата која правеше хемодијализа во домашни услови.
Тоа е единствениот таков апарат во болницата со кој може да се помогне во услови на елементарна непогода, но и кога им е потребно на ранливите категории.
-„Токму овој апарат може да се уклучи секаде, на секое место, каде било во природа. На овој апарат дневно можност дневно да се приклучат два-три пациенти или четири пациенти а тоа не е малку“, вели д-р Aцо Попоски.
Софија Огненова започнала со хемодијализа на свои 22 години, била единствена во земјава која сама правела дијализа во својот дом.
„ Почна со хемодијализа во приватни услови, дома благодарение на хумани луѓе кои и донираа ваков апарат, а после нејзината смрт ние одлучивме исто така овој нов апарат да го донираме“, вели нејзиниот роднина, Бојан Групчев.
„Ова е апаратот на пациентката Софија Огненова, единствениот пациент во државата кој правеше хемодијализа во домашни услови. Пациент на хемодијализа цели 40 години“, вели д-р Ванѓелка Коваческа- Шавреска.
Софија Огненова била фарамацевт по професија објавила книга „Дијализа-еден нула за мене“ како водич за пациентите, но и инспирација никогаш да не се предаваат.
Новинар Соња Рилковска