Вовчето Ќирчо во Кичево преноќувалиште за бездомници

Вовчето Ќирчо, кое повеќе од пет децении стои пред железничката станица во Кичево е оставено на забот на времето. Трите вагони се рѓосани,вратите се искршени и често служи како преноќувалиште на бездомници.
Композицијата од вовчето е споменик на едно време кога тука поминувала теснолинејката Скопје-Охрид, до струшко Ташмаруништа, а повеќе од четири децении им служело на локалните жители за превоз до нивните села или градови.

„Секој експонат што го имаме од подалечно време го сочуваме и го пренесуваме на помладите. Ова е навистина греота, со него луѓето се возеле кон Скопје, кон Охрид и греота е веќе кога го имаш зошто да не го зачуваш“, вели еден граѓанин на Кичево.

Патувањето со вовчето Пампурче, како го нарекувале некои други,од Скопје до Охрид траело близу 20 часа, со брзина од 8 до 9 километри на час. Повозрасните жители на Кичево се присетуваат како се патувало.

-„Јас како дете паметам се имам и возено. Се имам возено до селото Попоец таму. Знам еднаш возот падна ја креваа со лостови. Па така ја наместија си имаа екипа.Ова е културна историја за сите да се потсетиме како порано било“, вели друг кичевчанец.

Грижата за експонатот ја има музејот „Западна Македонија во НОВ“ , од таму велат се планира реновирање на вагоните. Граѓаните на Кичево предлагаат вовчето да се стави во употреба како туристичка атракција на градот ,со изградба на еден колосек што ќе поминува по булеварот „Ослободување“ и околу Китиното кале.

Новинар Соња Рилковска

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани