
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денес оствари работна средба со амбасадорот на НР Кина во Република Северна Македонија, Н.Е Џанг Ѕуо.
На средбата се отворија прашањата за капиталните проекти во изградба и унапредување на целокупната инфраструктура во државата.
Министерот ги потенцираше проектите за изградба и реконструкција на патната мрежа во Република Северна Македонија, посебно во делот на изградба на автопатската делница Кичево – Охрид и експресниот пат Фариш – Дреново каде изведувач е компанија од НР Кина. Тој ја истакна потребата од заедничка заложба од сите инволвирани страни за навремена реализација на капиталните проекти.
-„Денешната работна средба со амбасадорот Џанг Ѕуо ја искористив да поразговараме за капиталните проекти, динамиката на реализација и нивното значење за регионот. Посебен фокус ставив на проектите каде изведувач е кинеска компанија. Ја нагласив потребата и значењето од навременото завршување на овие проекти и нивното влијание во создавање на новата патна мрежа во регионот.” – изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Министерот Бочварски изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка и во понатамошниот период.