

Група граѓани од Варош повторно го кренаа својот глас, бараат да се стопира градбата на четвороспратниот објект во заштитената зона на само неколку чекори до Завод и Музеј. Револтирани елат дека и покрај заложбите за заштита на Охрид под Унеско надлежните продолжуваат да го кршат законот за старото градско јадро.
Со изградба на вакви објекти се менува визуленоста и каскадноста во овој дел од градот .Жителите велат дека институциите се селективни некои моќници може да градат висококатници а на некои не им е дозволено да имаат ни граражи.
Жителите стравуваат дека градбата која ја нарушува автентичноста може да предизвика и појава на свлечиште и оштетување на патот од тешката механизација и нарушување на статиката на околните куќи.
„Во самиот Закон за старото градско јадро на Охрид стои дека габаритите на урбаните објекти не смее да се менуваат ни во ширина ни во висина ни во должина. Ова е класичен пример од П+1 се прави П+3. Нивните мислења кои се скроз погрешни и намерно направени, стои дека котата стои кај земјената подлога и котата почнува од темелите а не од улицата“ објаснува Мирче Ристески – жител стар град.
„Ние сите сме изградиле овде куќи кои сме стари жители. И сите сме имале чувства за соседите и никој не го нарушил каскадниот поредок на сите куќи. Да дадам еден еклатантен пример, кога одиме на кино, ако првиот ред стане на 3-4 никој не може да го гледа филмот“ кажа Михајло Филев – жител стар град.
„При копањето имаше наоди, имаше ѕидина цела од тврдината. Имаше гробови. Најдени се сребрени и стаклени предмети. Темелот на оваа куќа беше на долниот дел, па направија еден метар и пол насип за да дојдат до оваа кота“ – кажа Константин Аиноски – жител стар град.
„Бараме од надлежните институции за заштита на културното наследство да се стопира и поништи конзерваторското одобрение и дозволата за градење. Со овој проект „стручњаците“ ја заштитуваат древната охридска архитектура. “ – објасни Наум Аионски – жител стар град.
Од Завод и Музеј пак велат дека објектот ги има потребните документи за градба согласно планот за управување со културното наследство.
„Во секој случај постапката е запазена. Проследени се претходно сите доставени документи и се што од кај нас е излезено се е регуларно. „Издадено е конзерваторско одобрение, кое исто така е одбрено од страна на Управата за заштита на културно наследство и запазени се План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и Законот за заштита на културно наследство“ – посочи Катерина Велковска – в.д. директор Н.У Завод и музеј – Охрид.
За жал ова не е единствениот ваков објект во Варош. Граѓанските активисти посочуваат дека најголемиот проблем согласно препораките на Унеско е претераната урбанизација која го деградира градот .
Н. Аритоновска