

Во февруари годинава, измина рокот за спроведување на препораките на Унеско, дадени од Реактивната мисија, за Охридскиот регион да не се впише на „црната листа“ – светско наследство во опасност.
Од 19 клучни препораки на Унеско, до денес реализирани се само четири и тоа нецелосно само делумно, тврдат невладините организации од Охрид, Струга и Поградец поддржани од здруженија, активисти и иницијативи од земјава, кои изминатиов месец здружено настапуваат.
Според нив Извештајот за природното и културно наследство на Охридскиот Регион, кој владата го достави до Унеско не кореспондира со реалната состојба. Велат тоа е обичен препис, „копи-пасте“ направен и поднесен до УНЕСКО.


–„Неконтролираната урбанизација во Извештајот е спомената со четири реченици, а сите сме свесни дека тоа е голем проблем, особено во Националниот парк Галичица. Можеме да заклучиме дека урбанизацијата како клучен проблем е занемарена. Има и точни работи кои се спомнати, но има и големи пропусти и погрешни.Се со цел да се одвлече вниманието на јавноста од главните проблеми“, вели Никола Киселинов од Туристичката асоцијација „Билјана“, Охрид.
Преставниците на шеснаесет невладини организации од земјава велат дека ова не е првпат да се поднесува ваков извештај, а клучниот проблем е што државата нема комуникација со невладиниот сектор иако тоа е според препораките на УНЕСКО.
Археологот Сашо Кироски од Асоцијата за заштита на природното и национално богатство вели во последните 15 години не е направен ниту еден проект од страна на Завод и Музеј Охрид, а нема ниту едно археолошно научно истражување, иако сето тоа е предвидено со проект планот на УНЕСКО што треба да се спроведе до 2029 година.


–„Се срамам кога ние чекаме да дојдат од УНЕСКО и да ни кажат што треба да правиме со најстарото езеро во Европа и светот. Зарем толку имаме еден грам капацитет за да можеме да го заштитиме Езерото. Цело време чекаме други да ни кажат, а ние не знаеме да застенеме и да си го средиме ниту отпадот кој го имаме“, вели Кироски од Здружението Енхелеус Лихнид Охрид.
Надлежните со исти, декларативни заложби за заштита на природното и културното наследство, но во пракса продолжува претераната урбанизација.
Пред само два денови, група граѓани од населбата Варош го кренаа својот глас, против изградба на четворокатен објект во заштитената зона, во стариот град на Охрид, на само неколку чекори до Завод и Музеј. Револтирани велат дека и покрај заложбите за заштита на Охрид под Унеско надлежните продолжуваат да го кршат законот за старото градско јадро.
Со изградба на вакви габаритни објекти се менува визурата, автентичноста и каскадноста на стариот дел од Охрид.


„Во самиот Закон за старото градско јадро на Охрид стои дека габаритите на урбаните објекти не смее да се менуваат ни во ширина, ни во висина, ни во должина. Ова е класичен пример како од П+1 се прави П+3. Нивните мислења кои се скроз погрешни и намерно направени, стои дека котата стои кај земјената подлога и котата почнува од темелите, а не од улицата“, објаснува Мирче Ристески – жител стар град.


-„Бараме од надлежните институции за заштита на културното наследство да се стопира и поништи конзерваторското одобрение и дозволата за градење. Со овој проект „стручњаците“ вака ја заштитуваат древната охридска архитектура“, изјави Наум Аионски жител стар град.
Од Завод и Музеј велат дека објектот ги има потребните документи за градба согласно Планот за управување со културното наследство.


-„Постапката е запазена. Проследени се претходно сите доставени документи и се’ што од кај нас е излезено се’ е регуларно. Издадено е конзерваторско одобрение, кое исто така е одбрено од страна на Управата за заштита на културно наследство и запазени се Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и Законот за заштита на културно наследство“, вели Катерина Велковска – в.д. директор Н.У Завод и музеј – Охрид.
Невладините најавуваат дека ќе бараат од Унеско да им ги одземе ингеренциите на советите во двете општини Охрид и Струга во однос на носење на урбанистички планови за висококатници. Овој предлог се однесува на одлуки во заштитеното јадро, на брегот на Охридското Езеро и заштитената зона.


-„Не за индивидуалните објекти, туку да им се одземат надлежностите во период да речеме од пет години да не може да носат урбанистички планови за висококатници. Урбанистичките планови неке ги преземе министерството за транспорт и врски како една надлежна институција која што посеопфатно и постручно ќе ги образложува тие детални урбанистички планови“, вели Никола Киселинов од невладината „Билјана“.
Невладините, велат токму поради ваквиот однос од страна на надлежните, очекуваат уште повеќе забелешки од страна на реактивната мисија на Унеско која се очекува да го посети Охридскиот регион во мај годинава.


Струга воопшто не ги спроведува препораките. Урбанизацијата, дивоградбите и загадувањето се најголемата закана Охридскиот регион од заштитено подрачје под УНЕСКО, да се најде на листата на светско наследство во опасност. Активистите се погласни, велат општина Струга воопшто не презема никакви активности. Не е изработен Регистар на дивоградби, кои според неофицијалните проценки ја надминува бројката од 1000.
Продолжува претераната урбанизација, но и узурпација на атрактивните локации на крајбрежието.


-„И во Струга имаме многу стручни и критични проблеми во однос на сите препораки. Тоа што јас би го потенцирал е хаотичната состојба во урбанизацијата и на целиот систем и на општините и на Владата“ , вели Ндерим Положани од невладината „Каб“ Струга.
Потребна е итна ревитализација на блатата и поголема заштита на трската, која секоја пролет е на удар на несовесните граѓани. Невладините апелираат, на поголема соработка од страна на општинските власти за заштита на природата.
-,Потребна е добра волја од страна на надлежните за да ја сочуваме и природата и Охридското Езеро но и да се воведе ред во урбанизацијата. Мора да се среди, мора и крајбрежието да има план за по тој план да се развива регионот, бидејќи ние во овој регион туризмот го имаме како најголем придонес во економијата“, додава Положани.
Од општина Струга, велат во заштитената зона на територијата на општината нема дивоградби.
Критично и од албанска страна. Грижата за природното и културното наследство е на ниско ниво и од другата страна на езерото. Во соседна Албанија, тони отпад од стари рудници , со тешки метали го загадуваат Охридското Езеро кај Поградец.


Испитувањата покажуваат присуство на тешки метали во езерската вода, кои се штетни за ендемичната флора и фауна. Една од препораките на Унеско уште во 2020 година беше итно да се премести отпадот и да се рехабилитираат рударските депонии на езерскиот брег, но тие и натаму се користат од рударски компании што имаат дозволи за експлоатација до 2026 година.
-„Преку анализите што ги имаме правено на рибниот фонд во Охридското Езеро уште е присутна оваа проблематика на тешките метали. Рудниците не работат сега меѓутоа отпадите од нив за феро никел уште се присутни од времето на 90 тите години“, вели Аријан Мероли експерт за животна средина од Поградец.
Друга жешка точка од албанска страна е проектот за изградба на туристичка зона кај изворите на Дрилон, локалитет сличен на изворите кај Свети Наум, кои се строго заштитено подрачје во рамките на Националниот парк.


-„Проблематиката на изворите на Дрилон каде има еден проект што инсистираат да се гради некоја интензивна туристичка зона за регион кој е строго заштитена зона. Таму мора поголема контрола од страна на владата, не смее да се нарушува автентичноста“, вели Мероли.
Поради единствените природни и културни вредности албанскиот дел на езерото беше впишан на листата на светско наследство на УНЕСКО во 2019 година.
Наместо заштита, продажба и урбанизација на археолошки локалитети. Дваесеттина граѓански организации од земјава бараат да се стопира урбанизацијата и продажбата на Мауцкер. Според нив станува збор за вреден археолошки локалитет, каде се наоѓал античкиот град од римско време -познат како Хермелеја. Веднаш до него се наоѓа црквата „Св. Еразмо“ и уште постарата монументална базилика „Св. Еразмо“ која е една од најстарите цркви во Европа, датирана пред VI век.
Во јавноста се’ погласни се реакциите дека земјиштето е од висока категорија и дека тоа веќе е заштитено со Закон за заштита на културното наследство .Активистите за заштита на културното наследство апелираат земјиштето на локалитетот Мауцкер кое е пренаменето за индустриска зона да се заштити, а не да се продава.


-„Колегата Владо Маленко во 1974 година кога се правел патот Струга-Охрид отворил 16 вертикални сонди и ги утврдил остатоците на тој антички град под името Хермелеја. Уште тогаш Маленко кажал дека таму постои стар град кој што воопшто не е истражуван. Е сега нашите урбанисти носат некој урбанистички план да го управуваме и продаваме тој комплекс, тоа не држи место и е спротивно на законите кои важат кај нас“, вели Никола Киселинов од асоцијацијата „Билјана“.
Активистите уште во 2014 година поднеле барање до општина во кое појасниле дека комплексот Мауцкер е вредно културно наследство, а не е археолошки истражено. Денес повторно алармираат да се заштити природното и културното наследство.
-„Конкретно за локалитетот Мауцкер, ние викаме прво истражување да се утврдат границите каде има културно наследство. Таму каде што нема културно наследтсво нека се урбанизира. А не во случајот урбанистите и архитектите си донесле некој план за урбанизација без претходно да бидат запазени овие правни рамки кои што ги бара и законот за културно наследство и законот за урбанизација“, додава Киселинов.
Активистите поднесоа приговор до општина Охрид и до министерството за животна средина, а за овој проблем го информираа и Унеско, велат доколку не се стопира постапката за Мауцкер ќе се жалат и во Стразбур.
Од Завод и Музеј Охрид, велат парцелите на Мауцкер кои се на државно земјиште, а на седница на Советот на Општина Охрид во август 2022 беа изгласани за управување и продажба, не се археолошки локалитети. Оттаму додаваат дека при изведба на градежни работи ќе се бара надзор од археолог со што се исклучува можноста да се гради врз земјиште кое претставува археолошки локалитет.


На бројните апели и обвинувања од страна на еко активистите, градоначалникот на општина Охрид Кирил Пецаков вели се работи на спроведување на препораките за заштита. Пецаков вели изминативе две години се работи на спроведување на сите препораки на Унеско.
–„Првично од 2019 година откако се донесе Планот за управување на Охрид, сите институции и локални и централни во државата добивме дополнителни мерки и препораки, кои во редовни заеднички координативни состаноци ги гледаме кои до каде се во однос на спроведување. Најбитната работа за мене е дека единствената тема на која имам одлична соработка со централната власт е оваа. Без никакви препреки, без никакви проблеми. Заеднички ги спроведуваме сите работи кои се застапени. Да, има работи кои се поврзани само со локалната. Да, има работи кои се поврзани само со централната власт, но има работи кои се заеднички“, вели Пецаков.
Еден од поголемите предизвици со кои се соочува локалната власт е недостигот на финансиски средства за имплементација на препораките.
-„Дел од мерките кои треба да се спроведат во Општина Охрид за зачувување на статусот во УНЕСКО по однос на проекти би чинеле 13 до 14 милиони евра, што од прилика е буџет од една и пол година на Општина Охрид. Што значи изискува огромни финансиски средства за да се спроведат, но ние ги започнавме работите чекор по чекор. До крајот на 2023 година ќе ги имаме сите проекти. Повеќе од половина се готови, останува уште два да ги добиеме како финален продукт и она што заеднички треба да го направиме со помош на централната власт е дислокација на регионалната депонија Буково“, појаснува Пецаков.
Инвентарот на дивоградби кој го изработи НП Галичица брои 400 дивоградби. НП Галичица вложува напори во спроведувањето на препораките на Унеско. Изготвен е Инвентарот на дивоградби во рамките на националниот парк. Во него се впишани околу 400 дивоизградени објекти. Голем дел од нив се во строго заштитената зона. Најкритично е во селата Трпејца, Велестово и Рача.
Од институцијата велат се прават заложби за поголема заштита на природното богатство кое е заштитено како светско наследство. Имаат соработка со сите навладини организации и заеднички вложуваат напори за подигнување на свеста кај населението.


-„Најголемата закана во НП Галичица е отпадот и дивоградбите. Токму затоа се стремиме кон постојана еколошка едукација на населението. Почнувајќи од учениците од претшколска и школска возраст до локалното населние во паркот. Целта е заеднички да направиме промени за поголема заштита на природното богатсво во паркот“, вели Ангела Тасеска соработник за еколошка едукација во НП Галичица.
Во соработка со Унеско се прават и проекти за поголема заштита. За прв пат ќе се врши инвенторизација на биодиверзитетот и еко системот на изворите во Свети Наум. Целта на овој попис е да се добијат нови релевантни податоци за состојбата на природното наследство.
Проектот е на Унеско, а го споведува Националниот парк Галичица, при што за прв пат ќе биде изработен посебен план за заштита и управување со комплексот на изворите во Свети Наум.


-„Тоа е новина и нешто непознато за заштитените подрачја на територијата на С. Македонија. И јавната установа со свои сопствени ресурси со активно учество на вработените изработи работна веризја на овој посебен план. Ќе се добие еден навистина квалитетен документ кој би бил пример за тоа како може одредени значителни подрачја во рамките на заштитените подрачја посебно да се управуваат посебно да се третираат и со тоа заштитата да се подигне на едно повисоко ниво “, вели Сања Рилкоска член на Комисијата за Светско наследство.
Изворите на Свети Наум се едни од најмистичните и најубавите места од каде се напојува Охридското езеро. Тие се строго заштитена зона и ретка природна убавина, токму затоа е потребна поголема заштита.
Издавањето на Охридското Езеро под концесија за стопански риболов се коси со препораките на Унеско. Струшката фирма „Еко свест“, пред две недели, ја доби концесијата за стопански риболов на Охридското Езеро. Експертите велат доделување на концесија за риболов е контрадикторна одлука и се коси со Стратешкиот план за рехабилитација на Охридскиот регион, кој го изработија македонската и албанската влада. Во него јасно стои дека има забрана за риболов на ендемичните видови риби, кои со години се на работ на исчезнување.
-„На овој документ јасно стои дека треба да има целосна забрана за риболов на Охридското Езеро до моментот кога ние ќе имаме податоци дека рибниот фонд не даде гаранција дека немаме проблем за најважните видови риби – ендемичните“, вели Аријан Мероли истражувач и експерт за заштитени подрачја.
Согласно договорот, концесионерот годишно ќе може да лови 3000 кг пастрмка, 8000 кг белвица и лимитирани квоти од другите видови риби, што според експертите доколку се придржува за шест години ќе има загуба од околу 2 милиони евра.


–„Еден детален финансиски план покажа дека концесионерот ќе има загуба околу 2 милиони евра за 6 години. Затоа што концесијата според основниот документ на рибарство укажува дека треба да има лимитиран лов на пастрмка, белвица, јагула, крап и другите видови риби“ , појаснува Мероли.
Според експертите со издавањето на Охридското Езеро под концесија за стопански риболов се прекршуваат и двете препораки на Унеско а тоа се: да се направи детална анализа на рибниот фонд во Охридското Езеро и воведување на унифициран систем за риболов во двете земји.
Инаку, Охридското Езеро нема концесионер од 2020 година, кога поради незаконско работење, владата ѝ ја одзеде концесијата за риболов на фирмата „Летница белвица“.
Со овој текст ОхридНет.ком се приклучува кон кампањата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.