

Со изведување на материјални и писмени докази денеска во Основниот суд во Охрид се одржа првото рочиште од судскиот процес за нападот на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб во Охрид, именуван според царот од времето на бугарската фашистичка окупација на Македонија, што се случи на 19 јануари пред кафе бар во центарот на градот.
Пендиков како и минатиот пат кога се одложи судењето, не се појави во судницата. Неговиот застапник, адвокатот Стефан Камишевски, образложи дека тој не е во можност физички да присуствува од здравствени причини но не кажа дали ќе се појави на следното рочиште кое е закажано за 31 мај .
„Според видео-записот може да се види дека две лица тепаат едно лице. Впрочем, постапката е и за тоа, да се утврди вистината, што се случило во критичниот настан. Кои лица го претепале кое лице“, изјави Камишевски.
Обвинетиот за кривично дело „напад од омраза со тешки повреди’, Илија Спасески, пред судијата Бојан Мартиноски рече дека не се чувствува виновен.
Бранителот на обвинетиот, Димитрија Цобоски кажа дека во текот на доказната постапка одбраната ќе докаже дека нема дело од омраза, ниту материјални докази дека провообвинетиот е извршител на делото.
„Ги гледавте снимките и кога обвинителот вели дека мисли дека обвинетиот е тој што го врши делото. Не треба некој да мисли кој е кој, туку се потребни докази од кои неспорно може да се утврди вина. Мислење на обвинител дали некој е тој или не, не е доволно за некој да се огласи виновен“, изјави Цобоски.
Според него Пендиков не е Бугарин оти нема бугарско државјанство, туку се работи на македонски државјанин.
На следното рочиште ќе бидат повикани да сведочат вешти лица од медицината и информатичките технологии како и сведоци на критичниот настан.
С.ВРЕНЦОВСКА