Различни ставови за предлогот за конфискација на дивоградби

Предлогот за конфискација на дивоградби донесе спротиставени ставови кај охридскиот и струшкиот градоначалник.

Првиот човек на Струга, Рамиз Мерко смета дека конфискацијата не е добро решение за регионот. Според него, државата треба да има детални планови со кои ќе се гради согласно законот а не да се условуваат граѓаните, подобро е да се казнат оние што граделе на диво, отколку да им се одземе и продаде имотот.

„Предлогот за конфискација е неприменлив и ме асоцира на конфискацијата на автомобили – институциите им ги одземаат на сопствениците, па потоа ги продаваат. Така и ова – треба да им се одземат домовите и објектите на некои што ги граделе за државата да ги продаде, но што ќе биде со тие лица кој ќе се грижи за нив и што доколку тие имоти не се продадат и пропаднат, вели за Сител, Мерко.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков пак смета дека ситуацијата покрај брегот на езерото е поинаква, и потребен и поразличен пристап. Дали ќе се конфискува или ќе се урива зависи од појасот каде што се наоѓаат спорните објекти.

„Кај нас има појас на кој сепак ќе мора да има уривање на објекти. Во останатиот дел на градот немам ништо против да се конфискуваат објекти место да се уриваат“, вели Пецаков.

Целта на иницијативата е да се овозможи конфискација на бесправно изградените објекти и нивна пренамена во функција на општината. Ако оваа иницијатива стане реалност, општините по конфискацијата ќе ги користат објектите за потребите на своите граѓани.

Нина Аритоновска

Сител ТВ

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани