

Претстојните три дена – 11, 12, 13 Април (29, 30, 31 Март – стар стил) кај македонскиот народ се познати како Бабини денови, или едноставно Бабите. Според народните верувања, времето може да биде студено се додека не поминат овие три дена, честопати овие денови се одликуваат со необично нестабилно време.
Овој климатски феномен претставува основа за голем број преданија во повеќе делови на Македонија, во кои главно се раскажува за некоја баба која, охрабрена од топлото време кон крајот на месецот Март, го навредила и заминала во планина да ја паси својата стока. Март и’ се осветил така што позајмил три денови од Април и ја замрзнал бабата во планината.
Браќата Миладиновци запишале:„ Последните дни од марта се викаат бабини дни, кои обикновено сет студени и ветерливи. Тие дни се земени од априља, еве како. Една стара жена по излегувањето од Марта, како виде че времето беше топло и многу хубаво рече: „ Циц козица на планина, прдни Марту на брадина“ и си излезе со козите на планина. На Марта и падна тешко да се презират од една баба и рече на априља:„Априле, лиле, мој побратиме, придај ми три дни да згубам баба“. Април и даде и захвати таков студ, лапавици и ветришта, што бабата сосе кози замрзнала. И денеска, велет, стојат каменообразни бабата и козите на Шар Планина“: