

Охрид ќе биде полн за Велигденските празници. Огромен број странски и домашни туристи овој празничен продолжен викенд ќе ги минат на брегот на Охридското Езеро. Токму од денес Велики Петок до понеделник – втор ден Велигден, веќе се резервирани хотелите на ривиерата со туристи. Покрај хотелските капацитети за Велигденските празници голем број туристи ќе има и во приватното сместување.
Најголем дел од гостите се од земјава.
-„Ќе преовладуваат секако домашните туристи поради сите прилики што ги имаме. Од опкружувањето многу помалку туристи ќе имаме поради политичките состојби што се наметнуваат, посебно со Бугарија. Можеби ќе имаме поголем број на туристи од Србија и од Грција, затоа што има очекување дека грчките туристи ќе се вратат тука е стабилизирана состојбата. Секако дека ќе ги имаме и традиционалните гости кои што ги имаме од Холандија би можеле да се очекуваат и Турција таа беше водечка земја во овој поглед “, вели професорот Науме Мариноски.
Празнувањето на Велигден во некој од древните црковни храмови Балканскиот Ерусалим е посебно духовно уживање. Централната богослужба утре на полноќ ќе биде во Светиклиментовиот храм на Плаошник.
-„Балканскиот Ерусалим таканаречен, нашиот Охрид е секогаш околу Велигденските празници преполн со гости од надвор, се разбира доаѓаат и во светите храмови. Макар што овој празник е повеќе семеен, меѓутоа поради пролетта и излегувањето надвор Охрид секогаш е полн со верници ги очекуваме и секогаш се добредојдени“, вели Љупчо Симиџиоски свештеник од Охрид.
Велигден се смета за почеток на туристичката сезона. Судејки по досегашните најави, туристичките работници ги тријат рацете и очекуваат плодна сезона. Од крајот на април почнуваат и редовните гости со странските тур оператори.
Новинар Соња Рилковска