

На стартот на сезоната туристичкиот сектор бара начини за пополнување на недостигот на стручниот кадар. На испразнетите места од вработените, кои масовно заминуваат на сезонска работа во странство и ова лето сезонски ќе се ангажираат ученици и млади од 16 години, кои лани докажаа дека можат да одговорат на зададените работни задачи.
На еден искусен вработен во секторот може да му помагаат двајца млади помошници и пак да се постигне квалитетна услуга во хотелско угостителскиот сектор, велат од ХОТАМ.
-„Бевме позитивно изненадени од нив, многу добро изработија. Сакаат да слушаат и да напредуваат. Се направи еден убав поттик, сами се јавуваат и кажуваат кој кога завршува со школото и дека сакаат повторно да се вклучат во тие летни месеци и да ја изработат сезоната“, вели Крсте Блажески.
Во однос на увозот на работна сила од странски земји ХОТАМ смета дека тоа ќе помогне за пополнување на испразнетите работни места во повеќето сектори.
-„Во некои од секторите ќе може, бидејќи сите зборуваат англиски. Токму така работи 30 % од Турција каде што имаме еден поголем број вработени кои се од други држави и работат во нивните објекти. Така што нешто слично би можело и овде да се примени“, вели Блажески.
ХОТАМ од минатата година бара увоз на работна сила од странски земји. Велат туризмот е гранка која не познава граници, во оваа индустрија во сите земји во светот се ангажираат странци.
Новинар Соња Рилковска