

Ќе се обележуваат велосипедските патеки на Јабланица и Караорман. Планините во Југозападниот регион во земјава нудат безгранични можности за развој на алтернативен туризам.
Величествените глетки го запираат здивот, возвишената убавина на планинските села со автентична архитектура плени воздишки, а изобилството ендемична флора и фауна едноставно ги воодушевува посетителите.
Овој проект ќе придонесе за поголема безбедност на планинарите и велосипедистите.
-„Се залагаме за мапирање на патеките на Jабланица, Kараорман, Галичица. Нивно обележување за да е полесно странци и оние кои не се наши членови кои што сакаат да возат да може слободно да не се загинат. Имаме огромнa поддршка од локалната власт и мислам дека заедно ќе го реализираме тој проект“, вели Душко Шутиноски од Здружинето „Рупикапра МТБ“ Струга.
Се повеќе расте интересот кај туристите особено странците за планинарење и планински велосипедизам, воедно и посета на културно историските споменици и локалитети. Со тоа заживува локалната економија во планинските села.
-„Оваа година немавме снег и немавме застој во планинскиот велоиспедизам. Странците се многу заинтересирани токму за овој дел од Макеоднија за возење велосипеди. Имаме најави за гости од Босна, Косово , Албанија ,Холандија исто така се многу заинтересираниз за планински велосипедизам и планинарење“ вели Шутиноски.
Велосипедската култура во земјава последните години доживува подем, а интересот за планински велосипедизам енормно расте во светски рамки.
Соња Рилковска